Со низа и свечености и културни манифестации Охрид деновиве ќе ја одбележи 130-годишнината од смртта на великиот охридски и национален поет и преродбеник, Григор Прличев. Чествувањата почнaa вчера со промоцијата на книгата „70 години библиотека „Григор Прличев“- Охрид“ на авторот Милчо Јованоски. Празнувањата во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ продолжуваат в недела со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“, по што следува централната свеченост посветена на годинешнот лауреат на наградата за најдобра поема што го носи прличевото име. На свеченоста посветена на најдобриот поет за 2022 година ќе се чита награданата поема „Коњски житија“ на лауреатот Зоран Анчески.

Чествувањата за Прличев продолжуваат и во понеделник, со положување цвеќе пред споменикот на Прличев и панихида на неговиот гроб во непосредна близина на црквата Света Богородица – Перивлепта. Предвидено е празнувањата да продолжат со доделување награди од конкурсот за основците од училиштето што го носи неговото име, како и традиционалната средба насловена „Прличева визита“ во родната куќа на Прличев. Во рамки на чествувањата на охридската библиотека ќе и бидат предадени и примероци на „Автобиографијата“ на Прличев отпечатени во Брајово писмо за луѓето со пречки во видот.

По повод годишнината од упокојувањето на охридскиот преродбеник ќе се одржи уште и „Беседа за Прличев“ во неговата куќа, со обраќање на д-р Александра Ѓуркова и д-р Кристина Николовска, претседателката на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија. Притоа ќе бидат прогласени и најдобрата беседа за 2023 година на тема „Прличев и ние“, а ќе биде промовиран и аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.

Манифестациите ќе бидат заокружени со традиционалната свечена приредба на основното училиште во Охрид што го носи името на патронот Григор Прличев.