“Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ е наслов на концертот со кој на 4 август во Антички театар ќе стартува јубилејното 60. Охридско лето. Присутната публика ќе има можност на отварањето да ужива во познатите арии во изведба на светски познати оперски пејачи Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран, во пијано придружба на Миливое Велиќ.

“Овој грандиозен проект на Антички на 4-ти август, датум кога се слави и роденденот на Фестивалот, ќе биде во знакот на првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 ја создаде магијата наречена Охридско лето“, истакна директорката Наташа Поповиќ на денешната прес конференција.

Таа додаде дека фестивалот знае да ги препознае и вреднува заслугите на сите кои оставиле свој белег на фестивалската сцена и се заслужни за успесите на Фестивалот. На отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје Св Софија, како и  Црквата Св Софија од 4-ти до 30 август ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји.