Кај градското пристаниште во Охрид и на плитките охридските плажи на крајбрежјето деновиве се појавија големи колонии на зелени алги, таканаречена кладофора кои се „досадни“ и претставуваат непријатна слика за посетителите и туристите. Но, за среќа, тие не се токсични и не претставуваат никаква опасност за капачите во Охридско Езеро.

– Се работи за алга која припаѓа на групата зелени алги од родот кладофора. Таа е кончеста, разгранета зелена алга која природно се наоѓа долж крајбрежјето на најголемиот број од езерата од умерениот и тропскиот топлотен појас. Некои ја нарекуваат и „досадна“ алга бидејќи создава непријатна слика за посетителите и туристите на езерското крајбрежје и по плажите – вели за весникот ВЕЧЕР  професор Сузана Патчева од Одделението за фитопланктон при Хидробиолошкиот завод во Охрид.

Таа вели дека ваквиот вид алга расте прицврстена на камења, карпи или друга цврста подлога, а потоа по потрага на светлина одделни делови се одвојуваат од подлогата и можат да бидат собрани на површината на водата во форма на топчести душеци со дијаметар од 2 до 10 сантиметри, таканаречени кладофора топки.

– Нејзиниот масовен развој, односно цветање, е поврзано со зголемување на температурата на воздухот и на водата, кога температурата ќе достигне над 15 степени Целзиусови, но и со зголемениот светлосен интензитет во овој период од годината – потенцира Патчева.

Според неа, истражувачите го поврзуваат цветањето на оваа алга со зголеменото ниво на фосфор во водата, главно како резултат на антропогените активности на човекот.

– Со намалување на нивото на фосфор, цветањето значително опаѓа. Затоа кај нас, најмногу ја има на местата кои што се пооптоварени со фосфор, како што е градското пристаниште. За тоа влијание имаат некои отпадни води, влевањето на атмосферската канализација во овој дел на охридското крајбрежје – вели Патчева за весникот ВЕЧЕР.

Таа вели дека масовниот развој на оваа алга трае до две до три недели, а потоа угинува и паѓа на дното каде почнува да се распаѓа под влијание на бактериите. Притоа, почнува да се чувствува непријатен мирис покрај брегот, а се случуваат и промени на условите за живот на дното на езерото, односно за живите организми кои живеат на дното поради опаѓањето на количеството на кислород.

– За да се намалат или спречат ваквите непријатности најдобро е да се отстранува оваа алга од површината на водата, а тоа ќе помогне да се отстрани одредена количина на фосфор од езерската вода, односно ќе се помогне во негово самопрочистување – препорачува Патчева.

Таа истакна дека во многу езера во светот оваа алга претставува голем проблем за брегот и за плажите, но кај нас, за среќа, тоа не е случај.

– Тоа не е случај, бидејќи Охридско Езеро е олигтрофно, односно чисто езеро со мала концентрација на нутриенти неопходни за развој на алгите – рече Патчева.

(А.П.)