Охајо воведува  милионска лотарија  за вакцинираните

27

Американската сојузна држава Охајо ќе им додели парични награди од еден милион долари на пет случајно избрани лица кои се вакцинирани против ковид-19 во рамките на лотарија спроведена со цел да се надмине слабиот одѕив за имунизација што претставува проблем во САД, објави Би-би-си.

Гувернерот на Охајо, МајкДеВајн, изјави дека само полнолетните граѓани кои се вакцинирани ќе можат да учествуваат во извлекувањето. Првото извлекување е закажано за 26 мај. ДеВајн истакна дека наградите ќе бидат исплатени од фондовите за борба против коронавирусот на федералната Влада.

Охајо нуди и лотарија за вакцинирани жители на возраст под 18 години. Наместо еден милион долари, тие можат да освојат целосна четиригодишна стипендија на еден од државните универзитети во Охајо, наведува Би-би-си.

За да се убедат оние кои се уште не одлучиле дали да се вакцинираат, во различни делови на САД се нудат привлечни подароци – вклучувајќи пиво, крофни, билети за спортски настани и парични награди.

Во САД досега 58,7 отсто од возрасната популација примиле по една доза од вакцините против коронавирусот.