ОУ „Коле Неделковски“ доби акустична училница

568

Основното училиште „Коле Неделковски” доби акустична училница која е донација од компанијата „Кнауф Македонија“. Станува збор за дел од проектот „Дишеме здраво, слушаме јасно, учиме успешно – со „Кнауф”, кој има за цел да ја подобри акустиката во училниците во кои учениците го поминуваат поголемиот дел од наставата, како еден од клучните фактори во подобрувањето на успехот на учениците. Дел од кампањата беше изработка на акустични уличници во едно средно, четири основни училишта и една градинка во различни делови на државата.

– Го започнавме овој проект со кој сакаме учениците, наставниците и родителите и да ги увидат придобивките од следењето на настава во училница која е изработена по светски стандарди за акустика, со примена на плочите Кнауф Cleaneo. Со овој проект сакаме да ја подигнеме свеста, да ги поттикнеме и останатите компании и институции да се вклучат во заложбата за подобрување на условите во образовните институции и сите заедно да придонесеме за поквалитетно образование – изјави Велимир Петровски, раководител на продажба во „Кнауф Македонија“.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, истакна дека негова обврска е училиштата во Центар на учениците да им овозможат настава по европски услови и тие да служат за пример и на другите училишта во земјата.

– Овој проект и оваа акустична училница нека бидат мотив плус за нас, возрасните да продолжиме да работиме секојдневно на подобрување на условите во основните училишта, а за децата, да имаат успешна и корисна настава – изјави Богдановиќ.

Директорката на ОУ „Коле Неделковски“, Светлана Масларевска, истакна дека во оваа училница се реализира наставата по музичко, хор и оркестар, како и изучување на странски јазици, а придобивката од проектот се состои во тоа што звучната акустика е подобра, а звукот е полн и целосен.

Освен одличната акустика, плочите Кнауф Cleaneo го прочистуваат воздухот во училниците. Благодарение на зеолитот, плочите Cleaneo ги разградуваат штетните материи и испарувањата во воздухот и придонесуваат за поздрав амбиент во училниците и поголема концентрација кај учениците.