Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), како што соопшти нејзиниот претседател Љупчо Пренџов, утре ќе одржи седница за да ја утврди улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Александр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство, а в петок директорот на АНБ, Виктор Димовски, ќе реферира пред комисијата. Дали ова ќе влијае на одлуката Димовски да биде испратен како амбасадор во Франција, зависи и од тоа дали собраниската Комисија за надворешна политика ќе го повика за да даде отчет, како што предложи премиерот Димитар Ковачевски. Во меѓувреме е уапсен напаѓачот на екипата на ТВ 24, која ја снимаше куќата во која лажно бил пријавен дека престојува контроверзниот Украинец, кој е баран во неговата земја и е на црната американска листа.

Како што денеска најави Пренџов, утре ќе започне седницата на Комисија за надзор над работата на АНБ и на АР и по усвојувањето на дневниот ред ќе биде поделен материјал, но оти расправата ќе биде в петок. Тој очекува пратениците од владејачкото мнозинство да присуствуваат на седницата утре и на продолжението в петок.

Пратеникот Антонио Милошоски, денеска посочи дека ако се докаже дека директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ја злоупотребил службената положба, во случајот со издавање на македонски пасош на Онишченко, тогаш тоа би било девалвирачки и за безбедносниот и за меѓународниот углед на Македонија.

Претходно вчера во изјава за медиумите Пренџов кажа дека Димовски е најповикан да одговори за издавањето пасош на украинскиот државјанин кој е баран во неговата земја и е на црната американска листа.

-Тој е најповикан да одговори. Лично сум многу загрижен во врска со издавањето на македонски државјанства и на македонски пасоши веќе имам чувство дека секој втор криминалец има во џебот македонски пасош и, според мене, сметам дека тоа е сериозен предизвик и аномалија во безбедносниот сектор во државата, рече Пренџов.

Украинскиот државјанин Онишченко станал македонски државјанин како спортист во еквистријан по предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Во обид да дојде до информации за местото каде што е пријавен дека престојува контроверзниот украински државјанин, вчера беше нападната екипа на ТВ 24 од сопственикот на куќата. По нападот реагираа новинарските здруженија, а вчеравечер МВР соопшти дека напаѓачот е приведен.

„Денеска (14.11.2022) полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје го лишија од слобода М.П. (67) од Скопје, постапувајќи по пријава од Љ.И. (42) од Скопје, снимател во ТВ 24, дека денеска околу 14:20 часот на ул. Пржино во Скопје бил физички нападнат од М.П.“, се вели во полициската пријава.

Веднаш по добиената пријава, соопштија од МВР, од страна на полициски службеници од ЕНК при СВР Скопје преземени се мерки и активности и напаѓачот е лишен од слобода и задржан во полициска станица за понатамошна постапка.

„За настанот е известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, а по извршената консултација и добиените насоки од јавен обвинител, против М.П. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „Насилство“ по чл. 386 од КЗ.“, додаваат од полицијата.

ВМРО-ДПМНЕ осудувајќи го нападот на новинарската екипа, посочи дека Украинецот Онишченко е последниот во низата белосветски криминалци, на кој под крајно сомнителни околности власта на СДС му даде македонски пасош.

Премиерот Ковачевски вчера изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето позитивни мислења за доделување државјанство на Украинецот Олександр Онишченко да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.

– Владата носи одлуки врз основа на мислења од страна на институции кои учествуваат во носење на одредена одлука. При доделувањето на конкретното државјанство, рече, беа доставени сите позитивни мислења од сите институции кои што требало да дадат мислење и врз основа на тоа министрите се изјаснуваат, а со оглед дека сите документи биле со позитивни мислења од сите институции, донесено е и позитивно решение. Секој министер дури и претседател на Влада, не може да ги знае процедурите во секоја институција, а овде биле вклучени четири институции. Очекувам таков извештај да биде доставен до Владата за да можеме да видиме на кој начин биле изработени тие мислења, рече Ковачевски.

За тоа дали Виктор Димовски, директор на АНБ, една од институциите кои дале позитивно мислење за случајот со државјанството, кој треба да замине на амбасадорска функција во Франција, ќе биде отповикан од амбасадорската позиција, Ковачевски рече дека е најсоодветно за неговото работење одговор да се даде пред собраниската Комисија за надворешна политика, со која претседава пратеникот од опозицијата Милошоски.

– Го повикувам претседателот на Комисијата за надворешни работи да свика Комисија каде што директорот на АНБ и предложен амбасадор да ги даде сите одговори на прашањата кои што ќе му бидат поставени, рече премиерот Ковачевски.

(И.С.)