Отстранувањето на дрворедот од булеварот „Македонски просветители“ ги зовре охридските екологисти

61
Фото: Охрид СОС фејсбук

Деновиве започнаа работни активности за реконструкција на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид, при што се отстранува стариот дрворед од липи и костени. Тоа ги зовре охридските екологисти кои сметаат дека не смее зеленило да се замени за бетон и поради тоа ги повикаа охриѓани на протест.

Од општина Охрид информираа дека градоначалникот Кирил Пецаков на 22 овој месец издал решение за отстранување на 49 липи и 13 костени.

– Ова се дрвја со надмината физиолошка и биолошка возраст, нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања по разни основи и заболени дрвја кај кои не постои можност за успешно санирање на нивната здравствена состојба. Овие стебла се наоѓаат на потегот од пресекот со Кеј „Македонија“ до пресекот со улица „Даме Груев“ и ќе бидат отстранети при изведување на првата фаза од реконструкцијата на булевар „Македонски Просветители“.

Оттаму велат дека на овој потег се наоѓаат и 10 млади стебла од јавор кои ќе бидат пресадени на друга локација, а по завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници.

Од „Чист Охрид“ прашуваат дали сите дрвја се заболени штом треба да се сечат и дали за секое дрво поединечно била утврдена состојбата од стручни лица по излегување на терен?

– Одбиваме да веруваме дека целиот дрворед е во таква состојба, па оттука, ако постои документација, заедно со решението би требало да бидат предадени на увид на јавноста. Исто така прашуваме, дали се водело воопшто грижа за третирање на овие дрвја за да не се најдат во таква состојба, па да мора да се отстрануваат – велат од Чист Охрид и потенцираат дека јавноста бурно, но и со право реагира за планот за отстранување на дрворедот кој е еден од малкуте во градот кои нудат сенка и се на еден начин бели дробови на урбаното градско подрачје.

– Како општество мораме да се погрижиме и да се адаптираме на природата во услови кога се соочуваме со се поголема бетонизација и климатски промени кои веќе ни чукаат на врата. Секое дрво е важно  – нагласуваат од Чист Охрид.

Реагираат и од Зелен Хуман Град од каде потсетуваат на изјавите на Пецаков кој своето прво предизборно обраќање истакна дека „не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон“ и дека ќе се направат „нови паркови, нови велосипедски патеки, пристапни влезови, зелен и хуман град“.

– Најави и „зголемување на зеленилото и зелените појаси, подигнување на еколошката свест“. Но, првичните дела, откако дојде на позиција, го покажуваат спротивното. Децениски дрворед, 76 стебла се корнат за да се спроведе некаков нов проект, реконструкција на улицата „Македонски просветители“. Додека раководството на Париз најавува дека Елисејските полиња ќе станат велосипедска и пешачка зона, кај нас, во еден мал град, сè уште се форсираат автоцентрични решенија. Заменикот градоначалник на Париз е Македонец. Наместо да се адаптира и новиот проект кон постоечкиот дрворед, како што се прави во многу градови во светот, овде безмилосно се корнат белите дробови на градот. Но, некој ќе рече, ќе се посадат нови садници. Да, но додека ја достигнат полната зрелост и капацитет на овие, ќе поминат децении. Зошто мора постојано да се сече, наместо да се бараат поинакви солуции – коментираат од Зелен Хуман Град.

Од Охрид СОС ги повикаа охриѓани на протест против сечењето на 62 децениски дрвја во Охрид. Меѓутоа граѓаните се со поделени ставови околу ова. Едни сметаат дека добро е што се сечат стари дрвја и на нивно место да се засадат нови.

– Се си има рок на траење. Едно такво дрво т.е.неговите корени навлегоа под плочата на мој објект, го наткренаа подот и направија голема штета. Во близина, друго дрво, најверојатно од старост и црвојадина падна при ветар – вели Билјана Велјановска Тодоровска.

Други пак, го молат градоначалникот Пецаков да се погрижи во иднина да има што повеќе зеленило и нови засадени дрва!

– Убавината на еден град никогаш не е во претераната урбанизација, во големите површини со бетон и асфалт. Многу попријатно се живее во градовите со чист воздух, слободни зелени површини, со почитување на потребите на жителите. Широки булевари и купишта згради има во повеќето големи градови во светот, Охрид има своја единствена убавина која треба да се надогради, а не да се уништува – вели Дафина.  

(С.Бл.)