Отпуштени од работа станаа бездомници и прибежиште најдоа во Момин Поток

182

Сто и седумдесет бездомници речиси секојдневно одат во прифатилиштето на Црвениот крст на Град Скопје во Момин Поток. Оттаму за весникот ВЕЧЕР велат дека откако почна пандемијата со коронавирусот, за 50 проценти е зголемен бројот на бездомници. Тоа се должи на тоа што многу работници останаа без работа и финансиски се во незавидна ситуација, но има и жртви на семејно насилство и се избркани од дома. Драгана Лазаревска, координатор на Пунктот за бездомници во Момин Поток, вели дека се со последните сили и можности да ги услужат зголемениот број на бездомници и да ги задоволат нивните потреби

Сто и седумдесет бездомници речиси секојдневно одат во прифатилиштето на Црвениот крст на Град Скопје во Момин Поток. Оттаму за весникот ВЕЧЕР велат дека откако почна пандемијата со корона вирусот, за 50 проценти е зголемен бројот на бездомници. Тоа се должи на тоа што многу работници останаа без работа и финансиски се во незавидна ситуација, но има и жртви на семејно насилство и се избркани од дома.

Драгана Лазаревска, координатор на Пунктот за бездомници во Момин Поток, вели дека се со последните сили и можности да ги услужат зголемениот број на бездомници и да ги задоволат нивните потреби.

– Ова досега сме го немале. Ова е максимумот, плафонот. Сега, во среда и петок кога Прифатилиштето ги дава своите услуги доаѓаат 170 бездомници, од нив во средите 61, лице, додека во петоците 115 лица. Пред пандемијата имаше околу стотина, од кои во средите доаѓаa 40, додека во петоците 60 до 70. Засега сè уште можеме да ги опслужиме и новите бездомници и да ги задоволиме сите нивни потреби, но доколку продолжи зголемувањето, ќе бараме донатори со донации и нивни поддржувачи, било да се тоа во храна, облека, хигиенски средства или во пари или пак да има уште еден ден во кој би функционирало прифатилиштето – вели Лазаревска.

Таа посочува дека им доаѓаат отпуштени работници кои имаат кредити за плаќање, но има и од оние кои од немајкаде се прибираат во Пунктот.

– Сето ова го направи пандемијата и седењето затворени дома. Во Пункотот сега има две до три жени, жртви на семејно насилство кои доаѓаат да се избањаат и да побараат помош. Иако има организации кои се занимаваат со оваа проблематика, на жртвите им е полесно и поедноставно да дојдат кај нас – потенцира Лазаревска.

Таа додава дека тие им помагаат на бездомниците повторно да си најдат работа и да застанат на свои нозе.

– Разговарав со петмина бездомници кои сакаат да бидат чувари во магацин или во погони, некој сака да пакува стока или да дистрибуира до поголеми маркети, но се нафаќаат да чистат и по влезови на згради и фирми. Организиравме интервју со секој поединечно за да се види кој каде би можел да конкурира според можностите и способностите. Најмногу интерес меѓу бездомниците има за чувари на објекти. Многу ме радува фактот што тие сè уште не ја изгубиле довербата во системот и сакаат да работат и да придонесуваат – децидна е Лазаревска.

Во овој период не е отворен стационарот за престој на бездомниците. Вообичаено се отвора од средината на декември кога температурите надвор стануваат пониски, а и сè уште нема барање од бездомниците за нивно преспивање во стационарот.

(А.П.)