Отпис на каматите и репрограм на долговите на граѓаните уште утре

Со законот, донесен во февруари со важност од три месеци, се очекуваше да се отпишат долгови од десетина милиони вера, но оваа операција одеше бавно, па Владата во втората половина на април ги потсети доверителите да  забрзаат, за да им се олесни состојбата на граѓаните за време на кризата предизвикана од коронавирусот

255

Јавните комунални и слични претпријатија во државна сопственост имаат рок уште утре да ги избришат каматите и да им ги репрограмираат долговите на граѓаните. Оваа обврска произлегува од Законот за отпис на каматите и репрограмирање на долгови и трошоци на физичките лица што Собранието го донесе во февруари, со важност од три месеци, до денеска, 18 мај.

Колку долгови се репрограмирани и камати се отпишани нема податок, но според информациите од Министерството за правда во периодот кога се носеше овој закон, државата на граѓаните требаше да им отпише десетина милиони евра. Оваа операција во изминатите три месеци одеше бавно, па во втората половина на април Владата на една од седниците ги потсети доверителите во нејзина сопственост да забрзаат за да им се олесни состојбата на должниците за време на кризата предизвикана од коронавирусот.

-Сите државни органи, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, органите на општините, на Градот Скопје или општините во Градот Скопје, како и Акционерски друштва во државна сопственост, јавните претпријатија во државна или јавна сопственост, кои се утврдени како доверители во извршните исправи, дадени за извршување пред извршителите, заклучно со 31 декември 2017 година, да ги интензивираат активностите за отпис на каматите и за репрограмирање на долговите согласно законот, со оглед на тоа што рокот за истото истекува на 18 мај 2020 година, стои во заклучокот што владата го усвои на априлската седница на која истовремено го задолжи Министерството за правда да ги извести извршителите во законски предвидениот рок за прецизираните барања за извршувања.

Инаку, веднаш по стапувањето во сила на овој закон извршувањата за тие предмети требаше да запрат. Отпис следува за пресметаните камати, а репрограм за  главниот долг и трошоците кои произлегуваат од старите извршни судски предмети заклучно со  2011 година кои беа пренесени кај извршителите или нотарите, како и за долговите кон комуналните и сродните претпријатија кои се дадени на извршување до 31 декември 2017 година. Репрограмирањето на главниот долг и на трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот се врши во месечни рати, во зависност од висината на долгот и трошоците, на 12 до 60 месечни рати.

Отписот и репрограмот на долговите за јавните и другите претпријатија во државна сопственост е задолжителен, додека приватните компании, како телекомите, ЕВН и слични се повикани да го направат истото, но на доброволна основа.

(С.В.)