Отписот на каматите олеснување или предизборен поткуп на граѓаните?

138

По половина година чекање граѓаните дочекаа Владата да почне да ја реализира единствената мерка од петтиот антикризен пакет, насочена директно кон нив. Министерството за правда го изработи, а Владата го усвои законот со кој ќе им се отпишуваат каматите и ќе им се репрограмираат долговите, но само кон јавните и државните претпријатија, како на пример оние за вода, станарина, даночен долг и слично.

За да се ослободат од каматите, сепак, граѓаните уште ќе почекаат и тоа најрано до есеноска, зашто Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на ковид-19 прво треба да влезе во Собранието, а потоа претстои период на негово донесување. Дури и да се донесе брзо, за разлика од другите закони кои низ собраниските процедури се влечкаат и по цела година, треба да поминат уште најмалку три ипол месеци за да почне отписот, зашто толкави се роковите предвидени за старт на операцијата.

-Ова законско решение предвидува да се отпишат пресметаните камати на долговите на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови и да се репрограмира доспеаниот главен долг и трошоци, а граѓаните ќе можат да го плаќаат на повеќе рати. На околу 150.000 наши сограѓани, пред сè од ранливите категории, ќе им се помогне да го решат проблемот со задоцнето плаќање на долговите кон државните органи, јавните институции и даночните долгови, бидејќи високиот износ на каматата, кој некогаш може да стигне и од 70 до 80% од вкупниот долг, ги спречува целосно да ги подмират обврските, појасни вчера на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Лолита Ристова.

Таа изнесе и неколку детали од содржината на предлог-законот кој сè уште не може да се види, зашто не е доставен до Собранието. Така, институциите кои треба да отпишуваат камати во рок од 90 дена од почетокот на неговата примена треба да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин, а потоа во рок од 15 дена да го известат. Понатамошните постапки не се објаснети. Приватните компании само се повикани да го следат овој пример и да им излезат во пресрет на граѓаните погодени од кризата.

-Оваа мерка, ова законско решение е еднократна постапка за рестартирање на долговите на граѓаните, со цел да им се излезе во пресрет и да им се отворат можности за зголемување на нивната ликвидност, токму затоа ова беше една од економските мерки кои беа донесени во време на кризата, рече Ристова.

Но тајмингот на финиширање на мерката креирана уште на почетокот на годинава, кај многумина внесе сомнеж во контекст на предизборната кампања. Членот на Комисијата за спречување на корупцијата, Нури Бајрами оваа мерка ја оцени како стандардна пракса во периодот пред изборите, која може да се смета за поткуп.

-Дури и без таа да е намерата. Објективно, не е во ред бидејќи добро треба да се поткрепи кои категории, односно на јавноста мора да ѝ е јасно што се постигнува со тоа. И затоа пред секои избори се повторуваат ваквите работи што, според мене, едноставно, значи поткуп. Ништо друго, рече Бајрами во телевизиско гостување.

Реакција дојде и од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму оценуваат дека оваа мерка е безвредна во услови на големите поскапувања на прехранбените производи.

-Народот секоја година плаќа поскапо од тоа што плаќал претходната година. Само споредбено 2021 година со 2020 година имаме раст на цените на основните намирници и до 40%. Неспособноста на Заев и лошото водење на политиките на економско поле допринесе до раст на цената на еден литар зејтин во малопродажба од околу 67 денари на 95 денари, тоа е зголемување за над 40%. Покачување со Заев имаме и на цената млекото, имено еден литар млеко во малопродажба, кој во 2020 година се продавало по 45 денари сега се продава за околу 52 денари. Со Заев скокна и цената на брашното, еден килограм брашно во 2020 година се продавал за 34 денари, сега се продава за околу 39 денари, велат од партијата.

Во Владата сè уште немаат прецизни пресметки колкава сума треба да се отпише. Според премиерот Заев, се работи за милиони евра кои државните и јавните претпријатија би ги наплатувале преку долги и скапи судски постапки.

(С.В.)