Откуп на земјиштето под легализиран објект по 1 евро квадрат

588

Дел од жителите на општина Кисела Вода кои ги легализирале своите дивоградби, од денеска имаат можност да направат откуп и на земјиштето под легализираниот објект и со тоа да остварат целосна сопственост на имотот. Тоа можат да го направат по 1 евро за квадратен метар.

За информирање на жителите, општина Кисела Вода од денеска ја започна кампањата „Моја земја, мој дом“, а за условите граѓаните ќе можат за повеќе информации да ја посетат интернет страната на општината, или лично да прашаат на шалтер во Архивата на Општината секој ден до 20 часот.

– Ако претходно граѓаните имале нелегални градби и го искористија правото на легализација, сега објектот е и правно нивен и со него можат да располагаат како што сакаат. Сега сакаме овие граѓани да ги мотивираме да го откупат земјиштето под легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар. Притоа не е важно дали објектот се наоѓа во дел од општината каде има, или нема донесен Детален урбанистички план. Важно е само земјиштето под него да е во државна сопственост – објасни градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Според него, ако се работи за легализиран објект со семејно домување, сопствениците можат да го откупат и дворот за кој треба да има урбанистичко планска документација. Ѓорѓиевски појаснува дека доколку се работи за површина до 500 квадрати, цената за откуп останува 1 евро за квадратен метар.

– Кампањата ја насловивме „Моја земја, мој дом“ и сакам да  упатам јавен повик до сите наши жители кои успешно го завршиле процесот на легализација, дека никогаш не било поедноставно да го докомплетираат својот имот. Објектот е веќе нивен, а за  да го поседуваат и земјиштето ќе имаат целосна поддршка од службите на општина Кисела Вода – истакна Ѓорѓиевски.

За успешна реализација, општина Кисела Вода оформи тимови кои ќе им помагаат на заинтересираните граѓани за отпочнување на постапката.

– Свесен сум дека се уште има граѓани кои чекаат да се реши тешкиот, историски процес на легализација. Работиме и на тоа поле и ангажиравме голем број на административни службеници и бројот на комисии кои излегуваат на терен. За само еден месец како сум градоначалник, изготвивме околу триста решенија за легализација. Голем е бројот на заостанати предмети и како што ветив, за една година сите ќе бидат завршени, а потоа и овие граѓани ќе можат да го докомплетираат својот имот – истакна Ѓорѓиевски.

(С.Бл.)