Неколку месеци пред официјално да биде претставен како најнова аквизиција на италијанскиот калчолигаш Јувентус, каталонскиот гигант Барселона беше клубот кој важеше за апсолутен фаворит кога е во прашање потписот на капитенот на Ајакс, Матијас де Лихт.

Сепак, од ден на ден, сè повеќе и повеќе се пишуваше дека холандскиот интернационалец нема да му се придружи на репрезентативниот колега, Френки де Јонг, кој за време на зимскиот преоден рок го договори трансферот во редовите на актуелниот шампион на Шпанија. Агентот на Де Лихт, Мино Раиола, никогаш не бил во добри односи со раководните лица на каталонскиот гигант кој најпосле дигна раце од централниот дефанзивец кој заврши во редовите на „старата дама“.

Иако веќе поминаа неколку месеци од милионскиот трансфер, раководните лица на Барса сè уште не можат да го прифатат фактот дека не ги осигурале услугите на Де Лихт. Техничкиот директот на каталонскиот клуб, Оскар Грау, најпосле ја откри вистинската причина поради кола холандскиот интернационалец се преселил во Торино.

  • Испративме неколку официјални понуди за него, но тој на крајот ја прифати таа на Јувентус. Тоа го направи затоа што во Торино ќе заработи поголема парична сума. Благодарение на италијанскиот закон за даноци, фудбалерите во Серија А добиваат поголема плата во споредба со останатите држави. Многу се трудевме околу него, испративме две понуди, но двете ги одби, изјави Грау.

Освен за Де Лихт, оперативецот на Барса откри што мисли и за сапуницата околу кам-бекот на Неимар, кој на крајот остана во редовите на ПСЖ.

  • Точно е дека сакавме да го вратиме на „Ноу Камп“, тоа сите го знаат. И за него испративме неколку официјални понуди. Имаше само парична понуда, но имаше и понуда во која беа вклучени неколку играчи. ПСЖ беше загреан за продажба и ние се соочивме со таквата ситуација, додаде Грау.