Откриена најголемата тајна на Ибракадабра

407

Златан Ибрахимовиќ е најстариот фудбалер кој има постигнато десет погодици во првите осум натпревари од италијанската Серија А. Иако има 39-години, Ибракадабра игра во совршена форма, а неговиот Милан е лидер на првенствената табела и се уште ја нема почувствувано горчината на поразот.

На последниот дерби натпревар против екипата на Наполи, шведскиот интернационалец постигна два погодока и го врати Милан на лидерската позиција, два бода повеќе од второпласираниот Сасуоло.

Според официјалните податоци на Серија А, Ибракадабра е третиот најбрз фудбалер во националниот шампионат, иако само легендарниот голман на Јувентус, Џиџи Буфон има повеќе години од него (42).

Ибра не е како неговите врсници, кои на крајот од својата кариера играат во некој егзотичен шампионат, када заработуваат милионски суми. Тајната на неговиот успех се крие во начинот на исхрана, кој е сличен на тој кој го практикува најголемата ѕвезда во дресот на Јувентус, Кристијано Роналдо.

Исто како и португалскиот интернационалец и Ибра внимава на исхраната и на начинот на подготовка. Златан буквално внимава на секој грам. Најдобриот шведски фудбалер јаде бело месо, исушено говедско месо и свеж зеленчук, додека замрзнатата храна, сладоледот и тестенините се строго забранети.

Секој ден внесува најразлични житарици, а својата тежина ја држи помеѓу 92 и 94 килограми. Исто така, Ибракадабра секој ден јаде осум бадеми кои се богати со магнезиум и со здрави масти.

Додека го носеше дресот на францускиот гигант ПСЖ, Ибракадабра беше во војна со клупскиот готвач. Ибра јавно се пожали дека нема доволно овошје и зеленчук во тренинг центарот на „светците“, а клупскиот готвач му одговори дека има ограничен буџет кога е во прашање храната. Веќе во следниот момент Ибра го испратил клупскиот готвач на пазарување во најблиската продавница.

Напаѓачот на Милан не е голем фан на теретаната, а своите кондициски тренинзи ги одработува со јужноамериканскиот стручњак за Таекводно, Нилсон Дамаркам. Ибра смета дека кај мускулите најважна е еластичност која ја добива благодарени на корејската боречка вештина.

Благодарение на ваквиот начин на живот, Ибракадабра доминира на зелениот терен иако е на чекор од 40-роденден.