Откриена мермерна статуа на митолошкиот херој Херкул во Рим

99

Откриена е античка римска статуа на Херкул при поправка на канализацискиот систем под парк во Рим, пренесува „Гардијан“.

Делото, кое го прикажува митолошкиот херој и очигледно датира од периодот на Римската Империја (27 г. пр. н.е. до 476 г. од н.е.), е пронајдено во близина на Апискиот пат. Работниците ја забележале статуата бидејќи дел од неа излегувал од земјата, на околу три километри од почетокот на Апискиот пат.

– За нас, беше големо изненадување што пронајдовме мермерна статуа во природна големина, која врз основа на палката и лавовскиот капут дефинитивно можеме да ја идентификуваме како фигура што го претставува Херкул – посочуваат од археолошкиот парк Апија.

Откритието е направено при поправки на канализациски цевки што се урнати, предизвикувајќи потопи и лизгање на земјиштето. Ископувањата се вршени со присуство на археолози, на длабочина од 20 метри.

Во ноември минатата година, во мрежата на бањи изградени од Етрурците во Тоскана, беа откриени куп бронзени статуи, зачувани илјадници години под кал и врела вода. Меѓу нив има 24 делумно потопени статуи, кои датираат од пред 2.300 години и го претставуваат најзначајното откритие од ваков вид во последните 50 години.

Херкул е син на Јупитер и смртната Алкмена, а во римската митологија е пандан на грчкиот божествен херој Херакле. Бил познат по својата сила и по многубројните авантури. Легендите за Херакле биле пренесени во Рим преку грчките колонии или преку Етрурците, бидејќи во 6 век пр. н.е. Херакле бил значаен дел од етрурскиот пантеон.