Шест лица се уапсени на неколку различни локации во Франција, бидејќи се верува дека ја измамиле француската држава за 12 милиони евра, колку што е исплатено на име надомест за невработените поради кризата со Ковид-19.

Припадниците на криминалната банда користеле 3.600 фиктивни компании за да побараат исплата на тој надомест, се наведува во соопштението од Еуропол.

Добиените средства биле уплатувани на сметки на француски банкари, а веднаш потоа биле префрлени во странство на различни локации во Европа пред да бидат разменети во виртуелни валути.

Во откривањето на криминалната група учествувале Француската национална жандермерија и Израелската полиција.

Главни осомничени во криминалната акција се 30-годишен француско-израелски државјанин и неговата сопруга. Тие се уапсени во францускиот град Реплонж во близина на швајцарската граница додека се обидувале да побегнат во Женева од каде планирале да фатат лет за Тел Авив.