Откопана надгробна плоча во близина на студентскиот дом „Стив Наумов“

1752

При ископ на земјиште во близина на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда е откопан дел од камена надгробна плоча. Станува збор за надгробна плоча од 1920 година, а како се нашла таму никој не знае.

Жители на Гази Баба веста ја објавија на „Фејсбук“ со информација дека плочата таму седи со денови и се прашуваат кога ќе дојдат надлежни да направат  инспекција во согласност со протоколите за заштита на историски споменици.

Се претпоставува дека надгробната плоча потекнува од воени гробишта од Првата светска војна.

– Преку патот од црквата „Свети Архангел Михаил“, на ритчето во правец кон парк-шумата Гази Баба имаше стотици стари гробни места претежно со префикс „иќ“ и неколку еврејски. Со време од негрижа сите се распаднаа и исчезнаа со по некој видлив камен. Остана само оградената парцела со англиските гробови за кои се грижи црквата – објаснува Маријан Калиманоски.

За три недели ова е втор случај во Скопје како се пронаоѓаат делови од надгробни плочи. Жители на село Волково во општина Ѓорче Петров алармираа дека надгробна плоча стана декор и на нивната улица „31“.

Тие реагираа дека при тампонирањето на улицата била втисната и дел од надгробната плоча и дека тоа го направиле работниците кои работеле на улицата. Експресно реагираа општинските власти и плочата веднаш беше тргната од улицата.

Камена гробница од римско и три надгробни олтари беа пронајдени лани во јули при ископ на канализациска мрежа на булеварот „Партизанска“.

Од Конзерваторскиот центар Скопје објаснија дека станува збор за артефакти од 2 век од нашата ера од некрополите на градот Скупи, а со текот на времето реката Вардар ги донела под сегашната пешачка патека во Карпош 4. Оттаму најавија дека нема дополнително да се испитуваат зошто се знае од кој период потекнуваат.

(С.Бл.)