Откако обилниот снег зароби возачи на улиците на Истанбул:Казна од над 450 илјади евра за одговорната компанија

77

Турското Министерство за транспорт и инфраструктура изрече казна од над 450 илјади евра за компанијата одговорна за автопатот Северна Мармара. Причината е тоа што одредени делови од автопатот беа затворени за сообраќај 18 часа поради обилни снежни врнежи на 24 јануари. Компанијата им ја врати на возачите наплатената патарина, дознава агенцијата Анадолија.

Во понеделникот, 24 јануари, на одредени делови од автопатот, сообраќајни несреќи беа предизвикани од обилните снежни врнежи, кои тој ден го зафатија Истанбул.

Министерството за транспорт и инфраструктура презеде мерки откако пристигнаа бројни поплаки од граѓани, кои беа практично заробени во снегот на улиците низ Истанбул.

Министерството изрече парична казна од 6.795.957 турски лири (455.493 евра) за оперативната компанија одговорна за автопатот Северна Мармара. Патните комуникации на Кинали – Јасирен (делница 1), Јасирен – Одајери (делница 2), Хабиплер – Хасдал (делница 7) беа затворени за сообраќај дури 18 часа.

Од компанијата наведоа дека во Истанбул се забележани најобилните снежни врнежи во последните години. Затоа, тие интензивно работеле на целата мрежа на автопатот, која ги покрива трите делници, за да нема пречки во превозот, а граѓаните да немаат поплаки.

– Иако пред врнежите преземени се мерки, посипување со сол и истурање на раствор на највисоко ниво, поради снегот кој достигна катастрофална големина, се соочивме со непосакувани последици и нашите граѓани беа принудени да чекаат на автопатот, се појаснува во соопштението.

Нагласено е дека компанијата на сите возачи им ја вратила наплатената патарина, со цел донекаде да ги ублажи поплаките на оние кои беа заробени на автопатот.

Наплатената патарина вратена им е и на возачи кои беа заглавени на други делници во Истанбул.