Безобѕирниот воен јастреб Џон Болтон ја напушта Белата куќа. Колку и да се тврди неговите позиции, тој беше и човек кој му се спротивставуваше на претседателот Трамп. Со него сега занемува уште еден критички глас во опкружувањето на Трамп

Невообичаен крај на советникот за национална безбедност Џон Болтон по една и пол година на функцијата. Познат како јастреб, надворешнополитички хардлајнер, човек кој постојано нескриено се залагаше за воени напади и кој пред сѐ решително се изјаснуваше против секаква форма на дипломатија.

Колку и да се тврди неговите позиции, Џон Болтон беше и човек кој му се спротивставуваше на претседателот Трамп. Со него сега занемува уште еден критички глас во опкружувањето на Трамп, а на негово место, како многупати досега, веројатно ќе биде поставен лојален човек, смета Оливер Салет во анализата за Дојче веле.

На пример, министерот за правда Џеф Сешнс не сакаше да го отпушти незгодниот специјален иследник Роберт Малер и се прогласи за пристрасен во истрагата за врските со Русија. Беше принуден на оставка и заменет од Вилијам Бар, човек многу попријатен за претседателот Трамп. Бар со својата авантуристичка интерпретација на извештајот на Малер предизвика вџашеност кај демократите и со тоа му даде поддршка на својот шеф.

Или пак оставката на искусниот министер за одбрана Џим Матис, кој го фрли пешкирот кога Трамп најави повлекување на американските трупи од Сирија и со тоа изненади многу свои советници. Матис важеше за еден од последните разумни гласови меѓу Трамповите министри.

Џон Болтон навистина не би можел да се опише како глас на разумот. Како еден од архитектите на ирачката војна во времето на Џорџ Буш тој беше соочен со обвинувања дека со својот став дополнително го дестабилизирал Блискиот Исток. Во последно време постојано бараше воен напад врз Иран. Болтон, исто како и претседателот Трамп, е противник на мултилатерализмот, но со своето ѕвечкање со сабји тој му се спротивстави на едно од централните изборни ветувања на Доналд Трамп – дека САД ќе се држат настрана од меѓународни кризи и конфликти.

Но Болтон беше и гласен критичар на Трамповите несреќни обиди за постигнување договори, при што постојано бараше преговори на рамноправно рамниште со меѓународно изолирани деспоти. На пример, средбите на Трамп со Ким Јонг Ун кои не дадоа резултат, беа пред сѐ ПР-успех на севернокорејскиот диктатор. Исто така и талибанците би се радувале на покана во Кемп Дејвид, со што би застанале на исто рамниште со светски шефови на држави или влади.

Џон Болтон беше трн в око. Тој беше против дипломатија со политичките противници, а особено против дипломатија со радикално исламистичките талибанци.

Заминувањето на Болтон е можеби добра вест за американската дипломатија, вртење грб на американското ѕвечкање со сабји, како и знак на надеж за заглавениот конфликт со Иран. Но, тоа покажува уште еднаш како Доналд Трамп се однесува со критичарите кои му стојат на патот. Оној кој не се согласува со американскиот претседател, мора да си оди.