Отворен 7. „ПРО-ЗА БАЛКАН“: Литературата може да го промени поединецот

165

Беше еднаш во Скопје! Вака симболично во духот на добро раскажување синоќа во Даут-пашиниот амам беше отворен 7. Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“. Врвни автори преведувани на многу јазици, амбасадори, културни аташеи, љубители на пишаниот збор беа дел од публиката, која имаше ретка можност на едно место да види толку големи имиња од балканската литература.

Покрај бугарскиот автор Алек Попов, годинашен добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, на фестивалот присуствува и српскиот автор Светислав Басара, кој лани беше лауреат на истата награда, но од здравствени причини не можеше да дојде.

Покрај Попов и Басара, гости на фестивалот, годинава се и Теофил Панчиќ од Србија, Јагода Михајловска-Георгиева, Једрт Лапух Малежич од Словенија, Тарик Туфан од Турција, Ивица Пртењача од Хрватска. За нивните дела на отворањето зборуваа Ермис Лафазановски, Владимир Јанковски и Александар Прокопиев.

Фестивалот го отвори Дејан Трајкоски, директор на „Про-За Балкан“, кој ги поздрави гостите писатели со „Беше еднаш во Скопје“, алудирајќи на филмот „Беше еднаш во Анадолија“ од Нури Билге Џејлан, чиј сценарист Ерџан Кесал ќе биде гостин на фестивалот.

Писателот Прокопиев го претстави српскиот колега Светислав Басара истакнувајќи дека во неговите последни книги препознава некој друг Басара, различен од авторот на „Фама за велосипедистите“. „Јас не покажувам отпор во пишувањето, туку повеќе би рекол дека станува збор за напад, оти отпорот изгледа некако пасивно. Во сите фази на моето пишување настапувам инвазивно и агресивно на еден рафиниран начин, најмногу со помош на иронија, гротеска, а не со груби зборови. Против сите стереотипи и полуживи ентитети и менталитети какви што владеат кај нас, мислам дека е најдобро да се користи гротеска за да го отсликате тоа. Не можете тоа да го реконструирате рационално“, рече Басара кој истакна дека уметноста не служи за да го смени општеството, туку литературата може да го промени поединецот. „Мене лично ме промени. Ја прочитав ‘Сто години самотија’ и мислам дека таа книга ме наведе да тргнам на авантура со пишувањето“, додаде тој.

Прокопиев, кој е преведувач на романот „Мисија Лондон“, како и на последниот „Сестри Палавееви“ на Алек Попов, пред публиката го претстави нивниот автор кој истакна дека не му е целта да пишува смешно, ама така се случува. „Добрата сатира е насочена кон силните, а не кон слабите. Ако е насочена кон слабите, тогаш таа преминува во снобизам. Тоа е мојот прост рецепт во пишувањето и тоа, се разбира, е поврзано со многу непријатности. Фабулата ми е многу важна. Јас не сакам само да редам зборови, мене ми се поинтересни релациите меѓу карактерите и дејствата. Затоа „Сестри Палавееви“ има филмска структура“, истакна Попов.

„Про-За Балкан“ продолжува денеска во 17 часот во Турскиот културен центар „Јунус Емре“ каде што ќе се одржи средба „Ерџан Кесал во Скопје!“ со специјалниот гостин на фестивалот Ерџан Кесал, сценарист на антологискиот кански победник од 2011, „Беше еднаш во Анадолија“. Модератори ќе бидат Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.

Два часа подоцна, од 19 часот во ЕУ-инфо центарот ќе се одржи тркалезната маса „Литература, страв, политика“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на програмата „Скопје фелоушип“. Станува збор за врвни издавачи – Пјер Астие, еден од најпознатите литературни агенти во светот, Бетина Вергетер, уредничка во издавачката куќа „Пол Солнај и Дојтик“ од Виена, и Катја Урбанија од словенечката издавачка куќа „Гога“ ќе се сретнат и со македонски писатели и издавачи и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.