Со проекцијата на филмот „Итало“ вчера во Скопје  беше отворен 10. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Околу 500 учесници од седум држави во наредните денови ги започнуваат своите работилници, ќе гледаат филмови, ќе дискутираат и ќе креираат. На отворањето на јубилејното издание на фестивалот,

Н.Е Андреа Силвестри, амбасадорот на Италија во земјава, посочи дека „Џифони Македонија“ е важно поглавје во културната соработка помеѓу двете земји.

– Младите што учествуваат на фестивалот, не само што гледаат филмови туку на „Џифони“ ја градат и својата личност, а тоа е многу – истакна Силвестри.

Киното „Милениум“ во Скопје беше полно со млади, гости од седум земји, како и со поддржувачи на фестивалот, кој 10 години гради успешна приказна.

– Македонија ни е важен дел од светското семејство на „Џифони Експериенс“. Денес славиме победа важна за младите – истакна Јакопо Губитози, директор на „Џифони експериенс“.

Директорот на фестивалот, Дарко Башески, повикувајќи се на мотото на фестивалот годинава – „Невидлива моќ“, ги повика џифонците да ја направат видлива таа моќ понатаму во нивниот живот.

– Имаме многу нови млади лица во публиката. Благодарение на „Џифони Македонија“, многу млади во нашата земја почнаа да учат италијански јазик и да ја шират таа култура, истакна Башески.

Деа Крстевска, програмски директор на фестивалот, пак, додаде дека фестивалот „Џифони Македонија“ постои поради децата и се гордее со споделувањето и пријателствата што ги создаваат тие овде.

Пред проекцијата на филмот „Итало“, беше прикажан 10-минутен филм за магијата и за значењето на Филмскиот фестивал во Џифони.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм, Министерството за култура на С Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Градот Скопје, Младинскиот културен центар и од Кинотеката.