Отворено реконструираното фудбалско игралиште во СОС Детско село

219

Под мотото „Обединети во радоста што ја носи фудбалот“ денеска во СОС Детско село, а во соработка со Фудбалска федерација на Македонија беше отворено реконструираното фудбалско игралиште.

Со подобрување на условите на ова игралиште, од СОС Детско село потенцираат, дека ќе се зголеми бројот на деца кои ќе можат да го користат, а во исто време ќе можат да се организираат турнири и спортски натпревари.

-Оваа година ја одбележуваме и триесетгодишнината од Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации. Токму, едно од фундаменталните детски права е правото на игра и на живот во добра и здрава околина. Затоа, веруваме дека реконструираното и модерно игралиштето ќе биде едно од омилените места за децата од населба Ченто кое ќе им овозможи многу мигови на дружба, и ќе придонесе за развој на психо-физичкото здравје, ќе ги зајакнува самодовербата, вештините за комуникација, соработка и тимски дух. Ова секако ќе придонесе и за поголема инклузивност на децата во општина Гази Баба, изјави Зорица Серафимовска Арсовска, претседател на Управен одбор на СОС Детско село Македонија.

Муамед Сејдини, претседател на ФФМ, истакна дека придонесот на федерацијата во реконструкцијата на фудбалското игралиште е поддршка не само за СОС Детско село туку и за сите деца од заедницата кои ќе го користат овој терен.

-Драго ми е што ја поддржавме работата на СОС Детското село и ве номиниравме да ја добиете наградата од УЕФА, на овој начин сите заеднички придонесуваме преку фудбалот да се подобри квалитетот на живот на децата во нивната заедница и да ги штитиме вистинските вредности, истакна Сејдини.