Отворени советнички листи со праг од 3 проценти нема да има 

Тие кои ќе сакаат на локалните избори да кандидираат независни советнички листи ќе мора да соберат 2 отсто потписи од бројот на гласачите во општината. На вкупно 10.000 избирачи иницијаторот на независната листа ќе мора да има 200 потписи за да го предложи списокот со независните кандидати за советници.Најавата за отворени листи со праг од 3 отсто ги крена на нозе помалите партии кои жестоко се спротивставија да се определи праг за влез на советниците во новите општински совети.

246

Една изборна единица и отворена листа на парламентарни избори, а не на локални, бараат дел од вонпарламентарните политички партии, откако стигна веста дека големите политички партии постигнале договор по прашањето  за отворени листи на локалните избори. Според новиот изборен законик усогласен меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – независни советнички групи ќе треба да соберат потписи од 2 проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина. Измените ќе влезат во Собрание.

Отворени советнички листи со праг од 3 проценти  нема да има,  но, неофицијално, власта ќе предложи праг од 2 отсто за независни советнички листи.

Односно било договорено меѓу власта и малите партии, тие со амандман да побараат тој член да се укине, а власта да го прифати.

Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески вели дека во овој период, населението сеуштене е подготвено за “отворени листи”, па со воведување на оваа новина, само ќе настане хаос во изборните резултати.
-Прво, треба цела Македонија да биде една изборна единица, потоа “отворени листи” на парламентарни избори, па дури потоа на локални! Ова што го прават сега ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ му доаѓа обратно! Ако веќе се воведуваат “отворени листи” што има и свои позитивни страни, за мобилизација и мотовација на сите кандидати од тие листи, тогаш не смее да има никаков праг, никакви 3%! Ова решение е направено од “македонската длабока држава” за да му помогнат на Левица да се факторизира и да опстане на сцена, како верна послушничка, ништоповеќе!, изјави Богојески за весникот ВЕЧЕР. Тој додава, дека кај големите партии има двоен страв од конкуренцијата при модел со една изборна единица, прво на листите каде ќе се појават влијателни стручни лица, а не партиски војници, второ за лидерите кои на овој начин ќе ја загубат контролата врз гласачкото тело.
Со сличен став е и Солза Грчева од Глас за Македонија. И таа смета дека отворени листи треба да се воведат на парламентарни избори, а не на локални.
– Никоја од големите партии не посакува една изборна единица,, особено не отворени листи, па токму затоа, сега се пушта идеја за смена на изборниот модел. Големите партии си ги знаат своите сопствени рејтинзи и затоа бегаат од отворени листи. Но, оваа идеја, за локални избори е само замачкување на барањата на нас, малите партии. Протнување на идеја за воведување отворени листи на локални избори е само да се уништат до крај малите партии. Тоа принуда да се туркаат малите партии во коалиции, вели Грчева за весникот ВЕЧЕР. Таа го повтори ставот на Глас за Македонија дека треба да се воведе една изборна единица со пропорционален модел, отворени листи за пратеници и низок изборен праг. На тој начин, додава, помалите партии нема да ги губат, односно со Донтовиот модел дури и да ги поклонуваат своите гласови на поголемите.
-Второ, да се промени начинот на финансирање на партиите. Оној кој е сега на сила, ги исцрпува сите пари од буџетот во полза на големите 4 партии во Парламентот. Нагласуваме дека се работи за вртоглаво високи суми кои се одлеваат од нашите џебови, нагласува Грчева.
ЛДП, ДОМ, ДС и ВМРО-Народна велат дека се за отворени советнички листи, но без праг од 3 отсто, или ако има праг тој да биде од излезените, а не од вкупно запишаните. Тие потенцираат дека се за отворени листи, но без праг и забележуваат дека клучни измени на Изборниот законик не се носат во пресрет на избори.
– Го поддржуваме предлогот за отворени советнички листи, но да нема цензус. Тој што ќе добие глас повеќе, да влезе во советот. Ако има праг, тој да биде од освоените гласови на партијата, а не цензус од вкупно запишаните гласачи. Така е невозможно да се добие советник. Советник ќе треба да освои и над 2.500 гласа. Ако толку треба за советник, тогаш тој нека стане градоначалник! Поентата на отворените листи е советниците да се натпреваруваат во рамките на листата на партијата, а не како што е предложено сега со сите кандидати за советници од сите партии. Ваквиот предлог не е отворена листа туку манипулација, бидејќи од помалите партии нема претставници во советите – вели претседателот на ЛДП Горан Милевски.
И претседателката на ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин, смета дека прагот од 3 отсто на запишани гласачи е многу висок.
– Со ваквиот предлог, кој е прифатлив за големите партии тие повторно ги фаворизираат своите советнички листи. Минимални се шансите некој што е подолу на листата на помалите партии да влезе во советот. Ваквиот предлог не е демократизација на партиите и на општеството. Ако има праг, тој да биде за листата. Советниците од иста партија да се натпреваруваат и во советот да влезат тие кои граѓаните сметаат дека најдобро ќе ги претставуваат на локално ниво, односно да има шанса да биде избран кандидатот кој е да речеме 11-ти на листата. Вака како што е предложено, се натпреваруваат советниците од сите партии – вели Морачанин.
Премиерот Заев недамна изјави дека меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива има договор за отворени листи за советници на претстојните локални избори, но тоа не е официјализирано затоа што треба да се види дали се задоволни и малите партии кои беа најголемите баратели за вакви изборни промени. Предлогот е за изборот на советници да има праг од 3 проценти.
„Се работи за отворени листи каде што ќе се гласа за листата, имате една преференца. Притоа, предлогот е да има најмалку праг од 3 проценти, значи кога би биле 16 000 избирачи 3 проценти е некаде околу 500 избирачи на пример. Тогаш таа преференца ќе го качува кандидатот од подолу кон погоре на листата, а останатиот дел би останал на листата за да може преференцата да биде видлива. Малите политички партии имаат резерва, викаат да видиме дали е тоа правично, сепак, се помали партии и им се дисперзирани гласовите, не се генерално на една општина или територија. Треба да се види дека правиме демократски исчекор, јас го поздравувам тоа што ВМРО–ДПМНЕ го прифати и еве го поздравувам тоа со укажувањата што ги дадоа со една преференца – првпат е, не мора да го комплицираме системот. Мислам дека ќе ја унапреди демократијата односно тој советник кој ќе биде со преференца плус гласан ќе има директна обврска кон граѓаните, не само кон партијата и коалицијата“,
изјави Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за отворени советнички листи, но додаваат дека се флексибилни за дополнително усогласување на прагот.
Од Министерството за правда велат дека се разговара со претставници на политичките партии за евентуалната промена на Изборниот законик. Според информации од пратеници, можно е отворените листи воопшто да не бидат предложени од Министерството за правда како дел од Изборниот законик.

Е.А.