Отворена сензорна соба во ООУ „Круме Кепески“

133

Основното училиште „Круме Кепески“ доби нова сензорна соба. Таа денеска и официјално беше отворена од градоначaлникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со претставници од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Како што информираат од Општина Кисела Вода, сензорната соба, која е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е со површина од 50 квадратни метри и е сместена е во просторија која пред темелното реновирање беше училница која не се користеше.

– Општина Кисела Вода сега има сензорни соби во половина од основните училишта на своја територија, но интензивно се работи, бројот да се удвои, односно сите училишта да имаат ваква сензорна соба – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој  истакна дека со овој проект се потврдува оти инклузијата на лицата со попреченост високо котира на листата на приоритетите за делување на Општина Кисела Вода.

-Годината ја започнавме со отворање на првата инклузивна градинка во Скопје, лоцирана во Усје, минатата година отворивме сензорни соби во две други училишта, а сега и 21 ученик со попречност од ова училиште доби просторија која е уредена со рехабилитациско-рекреациска опрема и мноштво дидактички материјали и сензорни елементи. Со реализацијата на овој проект, сме на половина од крајната цел, да им обезбедиме на сите 102 ученици од општината кои имаат ваква потреба, да имаат сензорна соба во своето училиште, односно сите основни училишта кои се под надлежност на Општина Кисела Вода да имаат сензорна соба. Ова е нешто на кое интензивно работиме и кое во најскоро можно време ќе го реализираме – потенцираше Ѓорѓиевски.

Елена Мишич, раководител на на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ додаде дека „Фондацијата „Чекор по Чекор” веќе  триесетина години ја промовира идејата дека со соодветна поддршка од рана возраст, сите деца можат да го развијат својот целосен развоен потенцијал.

– Во изминатите 25 месеци, колку што го спроведуваме проектот, реализиравме 43 училишни грантови, со кои го поддржавме подобрувањето на пристапноста и инклузивноста на некои од училиштата каде учат 474 стипендисти на проектот. Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е финансиран од Европската Унија и го спроведуваат Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, заедно со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука. Со овој последен грант, го опремивме овој мултисензорен простор во ООУ „Круме Кепески“, обезбeдувајќи стимулативна средина за учење, развој и креативност без ограничувања -изјави Мишиќ.

Директорката на ООУ „Круме Кепески”, Павлина Трипуновска, ја потенцираше важноста на проектот во насока на развивање на инклузивна клима и им врачи благодарници на сите кои зедоа учество и го поддржаа отворањето на сензорната соба.