Во пресрет на програмата за јубилејното 60-то издание на Охридско лето кое е закажано за 4 август, објавен e протоколот за негово одржување и сетот мерки за заштита од Ковид 19 со кои наместо 1700 гости во Античкиот театар, каде ќе се случи свеченото отварање, ќе има само 400. Меѓу мерките кои ќе мора да се почитуваат е и задолжително носење на маски, одржување на физичко растојание, задолжителна дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител. Исто така ќе се зголеми и времетраењето потребно за влез и излез на посетителите, со спроведување на коридорски систем на движење на публиката. Оттаму ги објавија и зашитните мерки за уметниците кои ќе настапат, како и во делот на набавка на билетите…

 

Свеченото отворање на јубилејното Охридско лето на 4 август во Антички театар годинава поради ситуацијата со коронавирусот наместо 1700 посетители ќе го следат само 400. Како што велат организаторите, гостите ќе бидат распоредени на 2 метри растојание на секој втор ред од гледалиштето, а за следење на настаните ќе мора да се почитуваат предвидените заштитни мерки.

Од најголемата културна манифестација во државата велат дека веќе се печатат и билети за настаните, а програмата и официјално ќе биде објавена утре (30 јули). Организаторите посочуваат дека манифестацијата повторно ќе биде домаќин на најголемите, најславните и најуспешните, а публиката може да очекува квалитетна, уникатна, атрактивна и возбудливата програма на фестивалската сцена…

“Охридско лето според препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести, а со цел беспрекорна заштита годинава настаните ќе ги реализира на отворен простор. Како Национална установа која во своето долгогодишно работење секогаш  се води  од начелата за грижа на уметниците и публиката Ве уверуваме дека се преземени сите безбедносни мерки за здраствена заштита“, велат од Охридско лето.

Меѓу мерките кои ќе мора да се почитуваат за да се присуствува на настаните во рамнките на Охридско лето задолжително носење на лична заштита на лицето и задолжително одржување на физичко растојание на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, задолжителна дезинфекција на раце на влез, задолжително мерење на температура на влез за секој посетител. Исто така ќе се зголеми и времетраењето потребно за влез и излез на посетителите, со спроведување на коридорски систем на движење на публиката.

“Безбедносни мерки ќе бидат превземени и за заштита на уметниците, што подразбира дека ќе се почитуваат препораките како за нивниот престој така и за нивниот настап, обезбедување на слободен влез на сцена и излез, одржување на безбедно растојание со организаторите и публиката, целосна дезинфекција на сцената пред и после настан, обезбедување редарска служба за нивно непречено движење…“, додаваат од Охридско лето.

Препораките за спречување на ширење на Ковид-19 ќе има и во делот на  продажбата на билетите.

“За секоја изведба ќе се води евиденција на присутните, а при купување на влезниците ќе се побара да го остават името, презимето и контакт бројот. Билетарницата има поставено заштитна преграда помеѓу билетопродавачот и посетителот, обезбедено средства за дезинфекција за раце и ознаки поставени на два метри растојание пред секоја каса за наплата, за безбедна, безконтактна продажба“, посочуваат организаторите.