„Острови“ од пластичен отпад се појавија на Дебарското Езеро

238

Последните обилни и интензивни дождови го зголемија водостојот на реките Радика и Црн Дрим, а со тоа и на Дебарско Езеро, што секако поволно ќе се одрази во производството на електрична енергија во ХЕ „Шпилје“, но и на заштитата на езерската флора и фауна.

Меѓтоа, водите од реките донесоа и големо количество, пред се, на пластичен отпад од дивите депонии по долината на реката Радика, кои почнаа да создаваат „острови од отпад“ на површината на Езерото.

Појавата е позабележителна кај селото Долно Косоврасти, кај Косоврашки Мост, каде Радика се влева во Езерото, како и кај Мелнички Мост.

– Оваа појава е присутна секогаш кога има обилни дождови и голем дотек на вода во Радика и нејзините притоки. Тоа најчесто е на есен и на пролет,но ете се случува и сега по обилните дождови, посебно поради фактот што изминатте месеци водостојот на реките беше многу низок, велат од Еколошкото друштво „Дешат“.

Од таму додаваат дека неопходно е организирано собирање на отпадот во сите населени места, каде што на секој чекор може да се видат диви депонии кои потоа со зголемувањето на Радика се влеваат во Езерото.

– Пред неколку години екологистите од трите општини Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше, покренавме иницијатива за поставување челични мрежи кај Мелнички Мост, каде што би се собирал отпадот и тој секојдневно со чамци би се вадел и фрлал во депонијата во Дебар. Но, се остана само како идеја, наведуваат од друштвото.

Организирано собирање отпад, според нив, треба да се обезбеди и во Општина Центар Жупа затоа што отпадот од дивите депонии во оваа Општина доаѓа во Дебарското Езеро.

Посовесни, според нив, треба да бидат и дебрани, бидејќи фрлаат отпад каде ќе стигнат, а потоа ветерот пластиката ја носи во Езерото.

Локалната власт на Дебар неодамна реализира значајна активност во заштитата на околината на Езерото. Беа исчистени дивите депонии долж патот кој минува покрај Езерото, каде несовесни граѓани депонираа градежен и друг отпад, а поставени се и безбедносни камери.

Извор:МИА