Пекинг остро го осуди предлог-законот усвоен во Претставничкиот дом на Конгресот на САД со кој се повикува на воведување санкции против кинески функционери поради политиката на интернирање на ујгурските муслимани.

„Предлог-законот произволно ги клевети напорите на Кина во сузбивање на тероризмот во северозападната област Ксинџијанг, која долго е цел на напади”, посочува портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуе Чуњинг.

Американскиот Претставнички дом усвои закон во кој се осудува „произволниот притвор, мачење и малтретирање” на ујгурските муслимани во Кина. Предлог-законот треба да биде усвоен во Сенатот и да го одобри претседателот на САД.

Кинеските власти тврдат дека во камповите, кои тие ги нарекуваат кампови за обука, Ујгурите и другите припадници на главно муслиманските малцински заедници добиваат обука заради искоренување на сиромаштијата во Ксинџијанг. Ујгурите за затворени и поради, како што велат кинеските власти, поради борба против верскиот екстремизам.

Американски претставници и експерти од ОН велат дека околу 1 милион луѓе, или околу 7 отсто од муслиманското население во Ксинџијанг, е затворено во една растечка мрежа на кампови, со цел негово политичко преобразување (реедуцирање).

Во извештајот за 2018 година, „Хјуман рајтс воч“  го обвини Пекинг за спроведување систематска кампања за кршење на човековите права на муслиманите Ујгури во регионот.

Ујгурите се туркиски народ кој претежно живее во Кина. Оваа заедница со муслиманска вероисповед тврди дека во Кина се изложени на репресија. Во повеќе наврати се обвинувани за терористички напади.