Остварувања кои нè очекуваат годинава: Елвис, Том и Џери, Веном, Том Ган и Матрикс за „пофилмска“ 2021

161

Се надеваме дека филмските предлозите кои се најавни премиерно да пристигнат на големото платно, но и на телевизиските мрежи и стриминг платформи годинава во мал дел ќе успеат филмофилите во 2021 да ги направат посреќни, позадоволни, порасположени…

Од тешката и пандемиска 2020, целиот свет влезе во 2021 со единствена желба дека токму оваа година ќе заврши здравствената корона криза и дека можеби сè ќе се врати во нормала. Она што останува да ги држи луѓето се надежта, љубовта, соништата за подобро утре… А за повесело и подобро расположение и одржување на душевниот мир најдобар лек е вбризгувањето поголеми дози на уметнички и забавни содржини. Се надеваме дека филмските предлозите кои се најавни премиерно да пристигнат на големото платно, но и на телевизиските мрежи и стриминг платформи годинава во мал дел ќе успеат филмофилите во 2021 да ги направат посреќни, позадоволни, порасположени…

Малите нешта (The Little Things)

Нема подобар начин за започнување на оваа листа од одличен трилер со фантастична актерска екипа која ја сочинуваат Дензел Вашингтон, Џеред Лето и Рами Малек. Криминалистичката драма „Малите нешта“ носи ‘обична’ приказна во која двајца полицајци се обидуваат да фатат сериски убиец. Режијата е на Џон Ли Ханкок, а филмот е најавен за почетокот на оваа година, поточно за 29 јануари.

Том и Џери (Tom and Jerry)

Еден од најомилените серијали цртани филмови за генерации и генерации деца – „Том и Џери“ во 2021 година ќе има долгометражна играна адаптација со анимирани елементи. Базиран на класичната оставштина на Хана-Барбера, филмот открива како Том и Џери на почеток се среќаваат и како го формираат своето ривалство. Ова осварување, во режија на Тим Стори се најавува за 26 февруари, а освен анимираните ликови на мачорот Том и глувчето Џери, улогите ги толкуваат Клое Грејс Морец, Мајкл Пења, Роб Делејни.

Годзила vs Конг (Godzilla vs. Kong)

Режисерот Адам Вингард се докажа со филмовите „The Guest” и „You’re Next”, а тоа е барем некоја гаранција дека големата пресметка помеѓу Годзила и Кинг Конг нема да биде тотален циркус или дека ќе биде барем малку подобар од „Godzilla: King of the Monsters” кој не ја одушеви критиката. Улогите во оваа акција ги толкуваат Мили Боби Браун, Еиза Гонзалес, Александар Скарсгард, Ребека Хол. Ова остварување беше најавено за 2020, но заради пандемијата се одложи за мај 2021.

Круела (Cruella)

Од компанијата „Дизни“ годинава пристигнува филмот „Круела“ во режија на Крег Гилеспи. Датумот на излегување на ова прекрасно остварување е 28 мај 2021 година. Главниот лик (Круела) го игра познатата актерка Ема Стоун, а филмот го следи животот на љубителката на крзно, Круела де Вил и нејзината перспектива која веќе е позната од филмот „101 далматинец“. Во оваа комедија, Круела, како љубител на крзно, носи кожна облека, што малку ги збунува љубителите на филмот, но целото дејство го следи панк-рок стилот.

Веном 2 (Venom: Let There Be Carnage)

„Веном“, филмското осварување за репортерот Еди Брок кој влегува во симбиоза со опасен вонземски ентитет добива и второ продолжение. Во главната улога повторно е Том Харди кој одлично го игра Еди Брок/ Веном. Филмот, во режија Енди Серкис, се најде во категориите акција, хорор и трилер, а се најавува за 26 јуни 2021 година. Во останатите улоги настапуваат Мишел Вилијамс, Вуди Харелсон, Стефан Грахам, Наоми Харис, Амбер Сиена.

Топ Ган: Маверик (Top Gun: Maverick)

Доволно е да се каже дека фановите чекаа повеќе од 30 години на продолжението на култниот филм од осумдесеттите години на минатиот век. Том Круз повторно се враќа во улогата на Маверик и е полуд од кога било претходно, па затоа за очекување е неверојатен карамбол со авиони на овој зависник од адреналин. Во филмот, во режија на Џозеф Козински, а кој е продолжение на филмот од 1986, по триесет години стаж како еден од најдобрите пилоти, Пит Мичел е на местото каде припаѓа, работејќи како храбар тест-пилот, избегнувајќи унапредување кое би го приземјило… Останатите улоги се на Џенифер Конели, Вал Килмер, Моника Барбаро, Џон Хам. Филмот, требаше да се прикаже во 2020, но премиерата беше одложена за 2021 и сега е најавена за 2 јули.

Одредот на отпишаните 2 (Suicide Squad 2)

Филмот „Одредот на отпишаните“ за познатиот Самоубиствен одред во 2021 доаѓа со втор дел, но во различно издание. Џеред Лето повеќе не го глуми Џокер, ниту, пак, Вил Смит настапува во неговата претходна улога, тие исчезнуваат во овој дел. Сепак, актерката Маргот Роби останува да ја толкува главната женска улога – Харли Квин, а во дел од старите улоги доаѓаат нови интересни личности за да го зачинат ова продолжение во режија на Џејмс Ган. Филмот жанровски е сместен во категориите авантура, мистерија, акција и фантазија. Најавен е за 6 август 2021 година.

Брзи и бесни 9 (F9)

Претходните осум дела на овој серијал „Брзи и бесни“ го добиваат и претпоследниот дел, број 9. Актерот Вин Дизел останува во главната улога и тоа нема да ги разочара обожавателите на серијалот. Во овој дел Сајфер бара помош од Јакоб, помладиот брат на Дом, за да му се одмазди на Дом и неговиот тим. Филмот требаше да излезе во 2019, но неговото објавување беше одложено за 2020, кога се случи пандемија на корона вирус, и затоа конечно ќе може да се види во 2021. Оваа акција, за 3 часа и 8 минути ја носи публиката низ една голема авантура. Режијата е на Џастин Лин, а во останатите улоги се Шарлис Терон, Хелен Мирен, Тајрис Гибсон.

Дина (Dune)

Со импресивна листа на холивудски актери како Тимоти Чаламет, Зендаја, Џејсон Мамоа, Џош Бролин, Хавиер Бардем, Оскар Исак, Дејв Батиста, Ребека Фергусон, Шарлота Ремплинг во 2021 година на големото платно пристигнува и научно-фантастичната драма „Дина“. Филмот е нова адаптација на истоимениот роман на Френк Херберт, во кој на синот од благородно семејство му е доверена заштитата на највредното богатство и највиталниот елемент во галаксијата. Премиерата е најавена за 1 октомври, а режијата е на Денис Вилнев.

Елвис (Elvis)

Оние кои не го заборавија кралот на рок & ролот, а ги има многу низ цел свет, сигурно со нетрпение го очекуваат новиот филм за Елвис Пресли (кај нас презимето некогаш се пишува и како Присли). Во ова остварување, кое сè уште не е насловено, секако ќе се прикаже животот на легендарната рок & рол ѕвезда Елвис кој прерано и трагично го заврши својот живот. Режисер на оваа биографска музичка драма е Баз Лурман, а во неа улогите ги толкуваат Том Хенкс, Лук Брејси, Дакре Монгомери. Премиерата на филмот е најавена за 5 ноември.

Крал Ричард (King Richard)

Иако насловот на ова остварување кое е уште во фаза на снимање упатува дека ќе имаме уште една адаптација на тема за познатиот англиски крал Ричард, сепак не е така. Во овој филм, се дава објаснување и осврт за тоа како познатите тенисерки Венус и Серена Вилијамс стануваат она што се заради тренингот од нивниот татко Ричард Вилијамс. Оваа спортска драма, чија премиера е најавена за 19 ноември, е во режија на Рејналдо Маркус Грин, а во неа настапуваат Вил Смит, Џон Бертал, Дилан Мекдермот.

Матрикс 4 (Matrix 4)

По фантастичните три продолженија на овој неверојатен серијал, а кои се вбројуваат меѓу најдобрите научнофантастични филмови на сите времиња, во 2021 најавено е и пристигнувањето на „Матрикс 4“. „Тоа е едно прекрасно сценарио и чудесна приказна“, рече Кијану Ривс за ова четврто продолжение, чија приказна сè уште се крие од јавноста. Тој, во ликот на Нео, во новиот филм заедно ќе се појави со актерката Кери-Ен Мос (како Тринити), но за жал во него не настапува Лоренс Фишбурн (Морфиус). Режијата е на Лана Вачовски, а во останатите улоги настапуваат Елен Холман, Џесика Хенвик, Џонатан Гроф, Прајанка Чопра, Нил Патрик Харис, Џада Пинкет Смит. Филмот е најавен за 22 декември. Има ли подобар начин да се заврши годината?

Подготвила: Наташа Илиевска-Таневски