Остварувањата на Данчо Чевревски оставија траен белег во македонската кинематографија

613

По повод смртта на истакнатиот македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер и продуцент Данчо Чевревски кој почина синоќа во Скопје на 69 годишна возраст, премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил изрази сочувство до семејството и до сите негови блиски и пријатели, истакнувајќи дека неговите остварувања оставија важен и траен белег во театарот и македонската кинематографија.

„Данчо ќе остане запаметен по својата богата и плодна филмска и театарска кариера, за која говорат и многубројните награди, а како последен сведок е и минатогодишната ‘Астер’ за исклучителни достигнувања во филмот и на телевизија. Своето големото наследство од знаење, тој со страст им го пренесуваше на своите студенти од Факултетот за драмски уметности, и ревносно и со љубов ги внесуваше во тајните на актерската игра пред камерите“, посочи премиерот Заев.

И познатиот македонски актер Петар Арсовски со изјава за сочувство за Чевревски. „Жал ми е. Нека почива во мир. Даде придонес во нашата, актерска бранша. Имам голема почит кон него. Мислам дека прерано замина, а имаше уште многу да даде за нашата кинематографија“, изјави за весникот „ВЕЧЕР“ Арсовски.

Данчо Чевревски има остверено значителен број улоги во повеќе југословенски и македонски филмови и серии, меѓу кои „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипски меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“. Тој е еден од продуцентите и на филмот „До балчак“.

Чевревски е роден на 17 мај 1951 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за драмски актери. Специјализација, односно филмско усовршување има добиено на УКЛА во Лос Анџелес. Беше еден е од основачите на приватното претпријатие за производство на филмови „Триангл“, а работеше и како професор на Факултетот за драмска уметност, каде еден период беше и декан на Факултетот.

Добитник е на повеќе награди во текот на неговата плодна кариера, а минатата година на 14. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, му беше доделена наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања во филмот и на телевизија.

Во таа прилика Чевревски истакна дека е возбуден за оваа исклучително значајна награда, иако не му е прва. Воедно Чевревски тогаш побара и поголема продукција на македонски филмови, наменети пред сè за публиката, посебно заради огромниот наплив од турските серии на македонските телевизии. „Веројатно некој ќе сфати дека публиката сака да си ги гледа своите ликови и своите теми“, посочи тогаш Чевревски.  (Н.И.Т.)