Остварен добар напредок, особено во подготовката и спроведувањето на Пописот 2021, се вели во Извештајот на ЕК

45

Земјата е умерено подготвена во областа на статистиката и има остварено добар напредок, особено во подготовката и спроведувањето на Пописот 2021, прв пат од 2002 година. Подобрување има во сите статистички области и нивно усогласување со ЕУ стандардите, иако потребни се напори за подобрување на опсегот и квалитетот на макроекономската и социјална статистика, се вели во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата во полето на Статистика – Поглавје 18.

Минатогодишните препораки, Извештајот на ЕК оценува дека, се делумно спроведени и во следната година земјата особено треба да работи на:

–  обработка и објавување на резултатите од пописот на населението и објектите

–  да продолжи со усогласување на финансиските сметки и кварталните национални сметки со Европскиот систем на сметки – ЕСА 2010

–  да обезбеди соодветна екипираност и финансиски ресурси за Државниот завод за статистика

Правната рамка во полето на статистиката во поголем дел е усогласена со Европскиот статистички кодекс на пракса, Централната банка е целосно посветена на статистичкиот кодекс, додека Министерството за финансии, се уште нема назначено одговорно лице за статистика.

–  ИТ системот на Државниот завод за статистика ја надгради интерконективноста, капацитетот и заштитата на податоци, а од октомври 2021 има и бек-ап систем. Објавувањето на статистички податоци е согласно календарот за објавување на податоци. ДЗС воспостави проактивна комуникација со јавноста за информирање на граѓаните за Пописот 2021. И покрај состојбата со КОВИД-19 поголемиот дел од статистичките истражувања се спроведени. Сепак, неопходно е дополнително зголемување и доекипирање на човечките ресурси на ДЗС, се вели во Извештајот за Поглавје 18.

Класификацијата и регистрите се усогласени со европското законодавство и редовно се надградуваат, се оценува во Извештајот на ЕК, но иако достапноста на податоците и квалитетот се подобрени, се уште е потребно нивно целосно усогласување со новите барања. Испораката на податоци до Евростат е зголемена, но се уште останува нецелосна.

Земјата има добар напредок на полето на макроекономската статистика.

– Бруто домашниот производ и трошоците по тековни и константни цени редовно се прават и доставуваат до Евростат. Годишните секторски сметки се прават согласно ЕСА 2010. Напредок има во известувањата за владините финансиски статистики. Навременоста на прелиминарните податоци за бруто додадената вредност (БДВ) и бруто домашниот производ (БДП) по региони и активности е подобрена. Народната банка првпат ги објави годишните податоци за финансиските сметки и редовно испорачува податоци до Евротстат, со подобрена методологија и покривање на соодветни финансиски инструменти. Народната банка, исто така, произведува статистика за балансот на плаќања и странски директни инвестиции согласно најновите стандарди, се вели во Извештајот на ЕК.

Структурната деловна статистика и краткорочната статистика за индустријата и градежниот сектор се добро развиени.

–  Статистиките за истражување и развој и за ИКТ се доволно усогласени. За статистиката на услугите, индексите на прометот редовно се произведуваат, објавуваат и доставуваат до Еуростат во согласност со регулативата. Спроведена е пилот анкета за цените на транспортните, поштенски и телекомуникациски услуги. Усогласениот индекс на податоците за потрошувачките цени се пренесуваат до Евростат месечно. Статистиката за транспорт се произведува во согласност со правото на ЕУ, се вели во Извештајот на ЕК.

Добар напредок има на полето на социјална статистика.

–  Особено значаен е напредокот на подготовката и спроведувањето на Пописот 2021. Поради КОВИД-19 попсиот беше одложен од април за септември. После речиси 20 години, пописот беше официјално започнат на 5 септември и траеше до 30 септември. Беше донесен Законот и методологијата за подготовка, организирање и спроведувањето на Попсот, кои во голема мера се усогласени со статистичките дефиниции на ЕУ и нејзината регулатива. Истражувањето за приходите и животниот стандард редовно се спроведуваат, а остварен е напредок во полето на статистиката за социјална заштита. Миграциската статистика се уште треба да биде подобрена, додека статистиката за пазарот на труд е во голем дел усогласена со европското законодавство. Се прават активности за подобрување на статистиката за криминалот, образвованието и јавното здравје, се наведува во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.

Статистиката од областа на земјоделството е делумно усогласена со европското законодавство, додека статистиката од полето на енергијата и животната средина во најголем дел се во согласнот со европската легислатива. Во Извештајот на ЕК за Поглавјето 18, исто така, се наведува дека е започната работата и на сметки за загадување на воздухот и за физички проток на енергија, како и дека земјата води краткорочна енергетска статистика и енергетски биланс.