Останува само надеж дека еден ден ќе имаме компетентна и одржлива стратегија за издаваштво

237

„По неколкугодишното обезвреднување и обезличување и хаотичната некултурна политика, во минатогодишната програма се воведе барем малку ред во изборот и вреднувањето на квалитетните проекти во издаваштвото, но и во навременото финансирање, и ако тоа е некаква надеж, да очекуваме дека и годинава ќе биде така, па со тоа да имаат попристоен третман и издавачите и авторите и културата воопшто“, истакна за весникот ВЕЧЕР Нове Цветаноски од издавачката куќа „Македоника литера“

Дали Македонија има долгорочна национална стратегија за издаваштво, како е претставен македонскиот писател во странство, дали издавачите нудат квалитетна литература, што може да се очекува од Годишната национална програма на Министерството за култура во контекст на издаваштвото, каква е иднината на издаваштвото во Македонија? Одговор на овие прашања, како и мислење за состојбите во издаваштвото за весникот ВЕЧЕР дадоа Нове Цветаноски, управител на издавачката куќа „Македоника литера“ и писателот Блаже Миневски.

Го истиснаа професионалното издаваштво, се отвори простор за шунд

Според Нове Цветаноски, во нашата земја ниту за издаваштвото, ниту за македонската литература нема долгорочна стратегија за нивен развој и афирмација. „Издаваштвото е приватен сектор, но е непосредно поврзано и со македонската литература. На малиот македонски издавачки пазар нема многу простор за бизнис и профит, но токму државата на некои издавачи, претежно новоформирани, им овозможи добар профит. Македонија се задолжуваше со кредити, се измислуваа т.н. капитални проекти, од кои повеќето денес се неупотребливи, им се доделуваа на аматери за издаваштво зад кои стоеја други скриени сопственици, тајкуни и ‘империи’, им се даваа пари на издавачи на кои долго време им требаше да дознаат дека има технологија на создавање книги, односно додека научат дека има и што значи лектура, коректура, уредување… На тој начин го притиснаа и истиснаа професионалното издаваштво, па се отвори простор за наплив на шунд и кич, прво со парите на државата и со ‘вредносните’ критериуми на парајлиите, а второ, некои издавачи мораа да публикуваат и нешто тривијално за да преживеат. А како последица на тоа, библиотеките во Македонија, со малку исклучоци, почнаа поинтензивно да се полнат со шунд и кич. Така, дојде време да се афирмира шундот, а да се третира вредното како невредно“, вели Цветаноски. Како што додава тој, денес така се афирмира и македонската литература. „Кога вака се афирмира дома, како да се афирмира надвор? Имаше еден конкурс за странски издавачи, кој за неколку години овозможи преводи на репрезентативни и вредни дела од македонската литература колку што не беа преведени претходно за неколку децении, но со доаѓањето на ‘реформската’ влада пред неколку години и со ‘реформирањето’ на културата, конкурсот беше реформиран во дискретен и дискреционен и не знам дали сè уште постои, освен за дискретните нарачки за ‘свои автори’ и за активисти со заслуги. Но тој конкурс не може да се нарече стратегија, туку само како дел од стратегија која никогаш ја немало, а требаше одамна да ја има со оглед на ограничениот јазичен и културен простор на Македонија, тешкото пробивање надвор и насушното афирмирање на вредностите дома. Ако го има тоа, би имале и понадежна иднина за издаваштвото“, истакнува Цветаноски.

Министерството за култура беше третирано како партиски буџет

Тој потсетува и дека последниве години многу брзо се менуваа министрите за култура. „Но иако имаа куси мандати тие многу брзо успеаја да ја обезличат македонската култура. Беа обезвреднети и тие малку вредносни критериуми што ги имаше во културата, а посебно во издаваштвото. Уште повеќе поинтензивно се применуваа коруптивните принципи и обезмакедончувањето на македонската култура, како што се случува со Македонија на секое поле. Две-три години не беше поддржан речиси ниеден издавачки проект кој се однесува на македонската историја или културна историја, односно проект кој во насловот ги содржи зборовите `Македонија` и `македонски’. Министерството за култура беше третирано како здружение на граѓани и како партиски буџет. Но по неколкугодишното обезвреднување и обезличување и хаотичната некултурна политика, во минатогодишната програма се воведе барем малку ред во изборот и вреднувањето на квалитетните проекти во издаваштвото, но и во навременото финансирање, и ако тоа е некаква надеж, да очекуваме дека и годинава ќе биде така, па со тоа да имаат попристоен третман и издавачите и авторите и културата воопшто. Засега ни останува само надежта дека еден ден ќе имаме авторитетна, компетентна и одржлива стратегија и културна политика“, додава Цветаноски.

Има огромен број кванташки издавачи кои нудат мачка во вреќа

За писателот Блаже Миневски, пак, времето кога на Македонија ѝ требаа многу а не добри книги на македонски јазик одамна е зад нас. „Стратегијата ‘квантитет’ од една страна ги наполни визбите и депониите со стара, попусто потрошена хартија, која нема вредност ниту како ‘историски податок’, а од друга страна стимулираше, и уште стимулира, огромен број ‘кванташки издавачи’ кои нудат ‘мачка во вреќа’, без рецензии, без графички стандард, без лектори, без уредници, со канцеларии во дневната, во гаражата или на терасата. Книгите на ваквите државно поддржани издавачи ги нема во книжарниците, зашто тоа всушност и не е нивен предизвик. Нивен предизвик е да земат од државата ‘субвенција’ како да произведуваат тутун или грозје, да му скинат на авторот уште 30 отсто од хонорарот за ‘материјални трошоци’, и да го пополнат својот домашен буџет отприлика со по уште една ‘просечна’ македонска плата месечно најмалку. Толку се извештија во својот ‘бизнис’ што издавачките куќи ги пререгистрираа во некакви здруженија со кои избегнуваат некакви давачки за да им остане како чиста заработувачка сè што ќе добијат од државата. Овде да не зборуваме за тоа дека никој од нив ниту помислува да отвори книжарница“, вели Миневски. Според него, сега има и писатели, „најчесто всушност самонаречени писатели, кои ги изнесуваат своите вреќи таканаречен книжевен зарзават на државна тезгата и бараат субвенции од државата барем за две-три свои книги“. „Ваквата ‘издавачка демократија’ буквално го затрупува Министерството за култура со предлози, па во просек секој тазе регистриран издавач има право да понуди за објавување по десет наслови, исто како етаблираните, вистински издавачи. Тие, пак, за да одржат некаква дистанца, се прунудени да формираат уште по неколку нови или ќерки-фирми за добијат можност да предложат дваесет или триеесет наслови. Во таква општа ситуација на кванаташка издавачка логика, пистелот не е, и не може да биде приоритетен за оние што го сметаат за трошок, односно за нужно зло во калкулациите меѓу она што го добиваат и она што треба да му го платат. Поради ваквата паразитска мрежа на разно-разни издавачи, парите што годишно се расподелуваат се ситнат до крајни граници, а штетата секогаш паѓа на грбот на писателот. Така, наместо за роман да се добијат барем десет просечни плати, колку што е формалната одлука донесена пред дваесеттина години, нашите најдобри романсиери добиваат најмногу 1000 евра, ако ги добијат, ако не им бидат скратени како ‘баждарина’ од некои издавачи“, додава Миневски.

Мора да се направи радикален рез на кванитетот во полза на квалитетот

Како што истакнува тој, мора да се направи радикален рез на кванитетот во полза на квалитетот, па наместо петстотини да се поддржат сто најквалиетни книги на вистински издавачки куќи. „Ако се направи таков рез, тогаш ќе има доволни средства за вистински рецензии, за вистински графички дизајн на книгите, за квалитетна, а не рото-харија за печатење, за достоинствен хонорар на авторите. Освен тоа, книгите што го поддржува државата да не смеат да се продаваат поскапо од три или четри евра за роман, или едно или две евра за поезија. Ако сето тоа се среди, средствата се повеќе од доволни за целосна поддршка на добриот македонски писател, а тоа може да се направи на разни начини. Дури тогаш инцидентите ќе станат систем, како што станаа систем за јужноамериканската, шпанската, американската или шведската книжевност, како што стануваат систем за српската, хрватска, словенечката, бугарска книжевнст, кои на голема врата влегуваат во пописот на релевантни книжевност во европската книжевност, односно светската книжевност. Српската книжевност, на пример, годинава е централна книжевност на Саемот во Лајпциг, за кој уште отсега се преведуваат на англиски, германски, француски и шпански романите на петнаесеттина српски писатели“, истакнува писателот.

Министерството за култура да се ослободи од огромниот притисок

Според Миневски, треба да се направат и системски промени за да може Министерството за култура да се ослободи и од огромниот притисок што го вршат разни структури што себеси се нарекуваат културни дејци, културни чинители или културни аниматори. „Културниот аматеризам и разните други дејности од културата, кои не се поврзани со врвната културна продукција, веднаш треба да се префрлат во Министерството за млади, спорт и културни дејности, и таму да се пренасочи сè што од локален или аматерски карактер, како што се разните здруженија, домови на културата, алтернативни трупи, локални манифестации. Министерството за култура треба да бави со национална културна политика, со врвна продукција и меѓународна презентација. Што се однесува до книжевноста веднаш треба да се доврши проектот со Агенцијата за книга, чија книжарница и канцеларии веќе пет години стојат празни до ресторанот ‘Пелистер’, а досега ќе ги преземеа сите обврски во врска со поддршката и презентацијата на македонскиот автор и македонската книга. Преку агенцијата ќе се финансира објавувањето на врвни книжевни дела од потврдени автори, ќе се обезбедува превод на дела на некој од светските јазици, ќе се учествува на големи саеми на книгата во светот, ќе се стимулира творештвото со книжевни стипендии. Една од моите писателски желби е конечно, преку евентуално активираната Агенција за книга, да почне да се поддржуваат проекти на врвни македонски пистели, кои би сакале да напишат роман како професионалци. И би сакал годинава конечно некој да се осмели да регистрира Агенција за пласман на македонски книги и автори во светот“, додава писателот Миневски.

Наташа Илиевска-Таневски