Оставката на директорот на затворот Шутка депонирана во Владата, но останува на функција до изборите

64

Директорот на затворот, Ѓоко Котевски, вчера, попладнето на крајот од работното време ја депонирал својата оставка во Владата по инцидентот што се случи минатата недела во истражниот затвор Шутка кога беа претепани притворените екс министри Миле Јанакиевски и Спиро Ристевски,за што премиерот Зоран Заев јавно го прозва. Но како што информираа  од Владата оставката на директорот , Ѓоко Котевски ќе биде разгледувана дури по завршувањето на претседателските избори во мај.

„Со оглед на тоа што оставката е поднесена во период откако се објавени претседателските избори, истата ќе се разгледува после завршување на изборите, штом заврши забраната за разрешување и именување согласно Изборниот законик“, велат од таму.

Извештајот за инцитентот, Котевски го доставил и до Министерството за правда и до Управата за извршување санкции

Во него првично биле покренати дисциплински постапки за 11 лица во затворот „Скопје“, кај кои биле утврдени пропусти во постапувањето, но бројка не е конечна.

Како резултат на пропустите, како што е посочено во извештајот што бил составен откако била спроведена внатрешната истрага , бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот инцидент, иако постоеле можности за превенција.

Според она што е наведено во извештајот, првично биле детектирани пропусти во протоколите за постапување, како и непостапувањето по протоколот за изведување на притворените лица надвор од собите. Во извештајот се наведува и дека до нарушена безбедност довело тоа што не бил извршен рачен претрес на просториите, што им овозможило на притворениците во ќелиите да чуваат ,,арсенал” предмети кои не се дозволени, како телефонски апарати, но и други предмети со кои можат да се нанесат физички повреди.

Од Управата за извршување на санкции за ВЕЧЕР потврдија дека го разгледуваат извештајот за ситуацијата во затворот и дека ќе дадат препораки на Управата на затворот како да постапува во иднина како би се избегнале вакви или други случаи.

Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска потврди дека во ќелиите на некои од учесниците во инцидентите со екс-министрите Ристовски и Јанакиески биле пронајдени мобилни телефони и марихуана.
Како што објасни таа по настанот биле направени претреси од страна на Управата во просториите на притворените во кои се сместени учесниците во инцидентот и биле земени предмети работи кои не се дозволени, меѓу кои има и марихуана и мобилни телефони
Бајрамовска покрај присуството на наркотици кај учесници во инцидентот рече дека се утврдени низа пропусти меѓу кои во начинот на кој притворените лица се извадени на шеталиште, начинот на кој е извршен прегледот по нападите односно упатувањето до институцијата надлежна за дополнителни испитувања, а и во проценката на безбедносниот ризик при правење на распоред за прошетки за лица. Од друга страна, Бајрамовска во емисијата на Телма потврдува дека гледајќи ги снимките од видео-надзорот се забележува како во случајот на министерот Ристовски тој е опкружен од група затвореници после што започнува напад и одбрана, додека пак во случајот на Јанакиески се забележува како тој се движи низ шеталиштето, па до него доаѓа лице кое го напаѓа.

Политичкиот аналитичар Александар Даштевски смета дека инцидентот во затворот во Шуто Оризари може да и нанесе голема штета на нашата држава.

„Ваквите случаи, кога се работи за притвореници и затвореници, спаѓаат во „тортура“. Таа во последно време многу добива на значење, а кај нас, решавањето на тортурата е на многу ниско ниво. Постојано добиваме критики за тоа. Сето ова што се случи може да и нанесе голема штета на државата. И на власта секако“, истакна Даштевски.