Основците од ОУ „Петар Поп Арсов“ ја подигнуваат јавната свест за емпатија

396

„Почувствувај емпатија, создади свесност“ е новиот Еразмус + проект, кој започна да се спроведува во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Општина Карпош.

– Ученици и наставници од пет држави, Македонија, Франција, Унгарија, Полска и Турција ќе имаат можност да учат за емпатијата и да ја подигнат јавната свест по ова прашање. Емпатијата значи способност и подготвеност да сочувствуваш со болката на другиот – соопшти Општина Карпош.

На почетокот на проектот, во училиштето во Карпош 4 се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој им посака успешна соработка на учениците, споделување на искуства и стекнување на нови знаења.

– Деновиве, Карпош, Скопје, Македонија, а верувам и многу други држави сочувствуваат со болката на нашиот сосед, Албанија, по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа голем број на граѓани. Сочувствуваме и пружаме поддршка, затоа што секој се нашол или може да се најде во таква ситуација. Тоа е суштината да се биде емпатичен, да се подаде рака и да се ставиш во положбата на другиот – изјави Богоев.

На настанот се обрати и директорката на ООУ „Петар Поп Арсов“, Татјана Савеска, која истакна дека проектот ќе овозможи вмрежување меѓу различни култури, навики и искуства. Веќе се организираат и работилници со стручни лица, преку кои децата изучуваат за емпатијата. На овој начин, учениците и наставниците ќе стигнат до нови знаења и вештини кои ќе можат да ги користат во својата средина на живеење.

Во текот на вчерашниот ден, учесниците од проектот ќе бидат во посета на кафулето „Umbrella“ и преку делење на бели рози ќе го одбележат Меѓународниот ден на лицата со попреченост.