Осмиот акт на „жолтите елеци“ во Франција

58

На демонстрациите на „жолтите елеци” во Париз, изутринава можеа да се забележат повеќе демонстранти во близината на „Шанзелизе“, кои носеа налепници со пораки на нивните елеци, јавува дописникот на МИА.

Налепниците се со правоаголна форма и пораката е напишана во бела боја на црвена позадина. На налепниците има повеќе пораки: „Демократија”, „Револт”, „Еднаквост”, „Гнев”, „Отпор”.

Во Париз за денеска беа пријавени две манифестации во префектурата: марш кој ќе започне од плоштадот на градското собрание на Париз и треба да се движи до Националното собрание и собир на Елисејските полиња.

Според француските медиуми, изутринава ширум Франција демонстрирале неколку илјади демонстранти „жолти елеци“.

Демонстрантите беа забележани во Руан, Лион, (пред станицата Брото), Ремс, Марсеј, Сен-Брио, Сен-Ло, но исто така и на Елисејските полиња во Париз. Демонстрацијата на познатата авенија беше пријавена во префектура. Многу од учесниците на демонстрациите извикуваа: „Mакрон оставка“, палејќи димни бомби и блокирајќи го сообраќајот. Тие треба да стигнат до Плоштадот на берзата.

На претходниот, 7-ми акт одржан на 29 декември, 12.000 демонстранти беа забележани на пладне од страна на Министерството за внатрешни работи, кое, сепак, не ја даде вкупната бројка на крајот на денот. Министерството на 22 декември информира за 38.600, а на 17 ноември за 282.000 учесници на протестите.

Оваа сабота се мобилизирани околу 3.600 припадници на полициските сили ширум Франција, на кои ќе им бидат додадени безбедносни компании и полиција на БАК (Анти-криминална бригада, дел од националната полиција).

Полицијата веќе интервенираше спречувајќи ги „жолтите елеци“ да го блокираат аеродромот во Бове, печатницата на регионалниот весник Л’Ест Републикан или платформата на Амазон.