„Рациновата книжевност се претставува како национална, регионална и интернационална, но – најмногу – таа е своја и наша. Таа е наша и космополитска, зашто и Рациновата песна и дело – го носат македонскиот јазик, неговиот автентичен звук и неговата светла созвучнист – во светот… Творештвото на Рацин е куќа на мугрите, дом на големото срце на овој народ, нашето бело напнато едро на надежните стремежи и нови очекувања, што силовито нѐ носи, бездруго, и во нови домицилни и универзални предизвици, но, верувам, пред сѐ во завладеаниот свет на општествени и човечки вредности; во нашите претстојни и конечно подобри времиња – ‘У новиот нѝ век!’“, истакна Томислав Османли примајќи ја високата книжевна награда – Рациновото признание за 2020 за неговата книга „Парадоксикон“ на 57. Рацинови средби кои викендов се одржаа во Велес

„Рацин е универзален и национален културен паметник и знак, споменик на отпорот кон негациите и кон релативизациите на сите тие вредности, особено на македонскиот јазик и национален идентитет. Неговиот македонски книжевен јазик е народниот јазик од нашите најстари хоризонти во кои и Рацин бил топло загледан, и од кои впрочем осамнаа и неговите ‘Бели мугри’, но и силно светнатиот ден на една бујна книжевност која го слуша топлиот македонски шепот среде големото растреперено словенско книжевно соѕвездие“, истакна Томислав Османли примајќи ја високата книжевна награда – Рациновото признание за 2020 за неговата книга „Парадоксикон“ на 57. Рацинови средби кои викендов се одржаа во Велес. Тој додаде дека е почестен што станал носител на нашeтo врвно литературно признание кое се доделува, безмалку шест децении, посветено на Рацин. „Признание кое го носи светлото име на Коста Солев – Рацин, еден од мугрените предвесници на современата македонска литература и, безостатно и несомнено, на идејата на современата македонска демократска државност уште од времињата кога таа се војувала саможртвено, со највисоки идеали, со борба, со крв, со мечта и со песна. На Рацин со кој се гордее и кого не прекинува високо да го чествува овој достоинствен град и неговата Управа, која и во овие ненаклонети времиња високо ја претпочита културата“, додаде Османли.

Тој појасни и дека делото и личноста на Рацин се утока од најмалку три суштествени, бистри водотеци – неговото врвно поетско и, воопшто, единственото книжевно дело, неговиот хуманистички и социјален ангажман, неговиот слободољубив алтруизам којшто го исполнувал и го поттикнувал на културна и на хуманистичка политичка дејствителност, како и неговиот разгорен, богат македонски јазик, високолитерарен уште пред дефинитивното устројување на нашите стандардни лингвистички канони и во тој идентитетски делокруг – Рациновата јасна и ангажирана македонска национална припадност и, воедно, неговата најширока космополитска културна определеност. И сето тоа, во времиња кога тие легитимации биле прогонувани, забранувани и жестоко санкционирани. Затоа литературата на Коста Солев – Рацин е творештво на еден чувствен и сочувствен, на еден човекољубив, лиричен, а едновремено и развиорен, модернистички темпераментен, револуционерен и слободољубив, едновремено, и длабоко национален ангажман.

„Рациновата книжевност се претставува како национална, регионална и интернационална, но – најмногу – таа е своја и наша. Таа е наша и космополитска, зашто и Рациновата песна и дело – го носат македонскиот јазик, неговиот автентичен звук и неговата светла созвучнист – во светот; како што со своите вредности таа го содржи слободољубивиот, еманципаторски, човечки достоен свет – во македонскиот јазик. Творештвото на Рацин е куќа на мугрите, дом на големото срце на овој народ, нашето бело напнато едро на надежните стремежи и нови очекувања, што силовито нѐ носи, бездруго, и во нови домицилни и универзални предизвици, но, верувам, пред сѐ во завладеаниот свет на општествени и човечки вредности; во нашите претстојни и конечно подобри времиња – ‘У новиот нѝ век!’“, истакна Османли.

Годинешниот добитник на Рациновото признание посочи и дека на новите творби најбуен извор им е токму литературата на Рацин. „Таа литература и самата напојувана од страстни естетски и етички ангажмани, носи живи одгласи на европската модерна: на германскиот експресионизам, на рускиот револуционерен футуризам, на различни школи од социјално ангажираната поезија на европската и на оновремената југословенска модерна; ехото на парискиот и на белградскиот надреализам, но и одгласите на Крлежиниот ‘Дијалектички антибарбарус’ кого што, за разлика од спомнатиот белградски авангарден круг, Рацин – уште поавангардно! – ‘по срце и по совест’ одбива да го критикува според директива ‘одозгора’…“, додаде Османли.

Инаку, Почесното Рациново признание за 2020 на проф д-р Виктор Фридман од Чикаго, САД и проф д-р Јоуко Сакари Линдстед од Хелсинки, Финска, кое се доделува заради нивна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура надвор од границите на земјава во нивно отсуство го примија д-р Људмил Спасов и Гоце Ристовски. Професорот Људмил Спасов се заблагодари од името на добитниците на Почесното рациново признание за 2020 и истакна дека во овие двајца професори, кои долги години наназад во светот го презентираат македонскиот јазик, литература и култура, гледа големи и искрени пријатели на нашата земја.

Програмата на свеченото затворање на Рациновите средби беше збогатена со поетската изведба „Рацин во фрагмент“ на актерите од Велешкиот театар и со концерт на класична музика во изведба на Градскиот камерен оркестар.