Османи: Сите забелешки на Венецијанската комисија да ги имплементираме во акциските планови и во создавањето капацитети

91

Секој обид за еднострано поместување на балансот во македонско-албанските односи кој е постигнат со многу труд, со многу жртва од двете страни за денес да зборуваме за функционална мултиетничка демократска држава ќе отвори магичен круг и спирала која комплетно ќе не помести од патот на кој сме тргнале. Ова денеска го порача вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Објаснувајќи што значи еднонасочно поместување, рече дека кој било обид, на пример дали македонските уставни судии да ги надгласуваат албанските уставни судии, дали Министерството за правда без согласност од целата Влада, дали Собранието без согласност и на претставниците на етничките заедници, дали кој било друг во државата ако се обиде на најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, буквално, како што рече, ја урива оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата.

-Секој пристап треба да биде инклузивен и тоа го констатира Венецијанската комисија дека не смее да има никаков обид за поместување на тој баланс, еднострано, односно без согласност на сите етнички заедници, пред се на двете етнички заедници, затоа што тоа е основа на Охридскиот рамковен договор преку двојното мнозинство, односно преку Бадентер, рече Османи на денешната прес-конференција.

Коментирајќи ги одлуките на Венецијанската комисија, Османи посочи „колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава”.

– Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судство. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венецијанската комисија, рече Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање, Османи рече дека Венецијанската комисија не е супермаркет во кој вие можете да купите еден продукт, а другиот да не го купите.

– Венецијанската комисија вели – да, има потешкотии во судството поради немање капацитети, но вели – да, можете да употребите двојазичност во банкнотите. И не можете Вие да отворите дебата за судството, а да не отворите дебата за банкнотите. Венецијанската комисија не вели да се отфрли двојазичноста во судството. Вели можеби во моментов нема капацитети, па Владата, односно државата да размисли дали можеби привремено да го одложи имплементирањето додека не се создадат капацитети или да создаде капацитети, рече Османи.

Прашан дали се заканува и како од позиција на вицепремиер кажува каква одлука треба да донесе Уставен суд, Османи се повика на едно интервју на претседателот Стево Пендаровски и парафразира дека нема ниту еден закон, домашен или меѓународен, кој ми забранува да коментирам одлука на суд.

– И јас ќе се повикам на неговиот став дека нема ниту еден закон кој може да ми забрани да коментирам одлука на суд, особено ако таа одлука може да го помести балансот на односите меѓу двете најголеми заедници на кои почива стабилноста и просперитетот на оваа држава. Тоа е приоритет број еден во оваа држава и апсолутно сум повикан во име на иднината на оваа држава да повикам на внимателност, рече Османи.

Додаде дека ако има еднострано поместување на тој баланс значи дека нема на што да се одржуваат тие односи, значи враќање назад пред донесувањето на Охридскиот рамковен договор и отворање дебата за него.

Одговарајќи на новинарско прашање Османи истакна дека законот е компромисното решение што е постигнато, балансот постигнат во односите и треба како Влада и држава да направиме акциски планови со цел да ја олесниме имплементацијата.

– Сите забелешки на Венецијанската комисија да ги имплементираме во акциските планови и во создавањето капацитети. Тоа е ставот кој денеска го споделувам и сметам дека тоа е најдоброто решение, рече Османи.