Министерот за надворешни работи Бујар Османи, работната посета на Република Србија, ја започна на средба со претседателот, Александар Вучиќ. На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, соработката на регионален план и тековните регионални иницијативи, како и соочувањето со предизвиците од  пандемијата КОВИД19.

„Со оваа посета, сакаме да одржиме континуитет во добрососедските односи, како и ги разгледаме можностите за нивно натамошно надградување, со конкретни предлози и иницијативи, во интерес на нашите граѓани и држави“, изјави на средбата Османи.

Тој упати благодарност за донираните вакцини на Северна Македонија од страна на Владата на Србија.

„Овој гест на солидарност, реализиран и со вашиот личен ангажман, нашата Влада, нашите здравствени институции, но и воопшто јавноста, високо го ценат“ истакна Османи, посочувајќи дека двете држави имаа и многу добра соработка во справувањето со предизвиците од пандемијата КОВИД-19, особено при рептријација на државјаните на Северна Македонија преку територијата на Србија, за што сме особено благодарни.

Посетата на Османи на Белград, продолжува со средба со Никола Селаковиќ, претседателот на Народната Скупштина Ивица Дачиќ и со претседателката на Владата Ана Брнабиќ.