Османи: Медиумската слобода е директен показател за цивилизацискиот напредок на општеството

23

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска учествуваше на видео состанок на министерско ниво, за безбедност на новинарите и прашањето за неказнивост во рамки на Меѓународната конференција за слобода на медиумина покана на министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Штеф Блок.

-Република Северна Македонија е посветена на промоција, заштита и унапредување на сите човекови права и слободи, меѓу кои и на медиумската слобода што претставува директен показател за цивилизацискиот напредок на општеството, истакна Османи.

Министерот зборуваше за заштитата на новинарите и медиумските работници од секаков облик на притисок или повреда на нивните права, како и на слободата на изразување преку ставање крај на сите повреди и злосторства и соодветно санкционирање на сторителите.

-Санкционирањето на секој напад или повреда на правата на новинарите е императив за нормално функционирање на секое демократско општество, потенцираше Османи.

Светската конференција за слобода на медиуми годинава е во знак на одбележување на Светскиот ден за ставање крај на неказнивоста за кривични дела против новинарите, а со цел реафиримирање на заложбите за почитување на слободата на изразување и заштитата на безбедноста на новинарите.