Османи – Корчок: Словачка целосно ја подржува европската интеграција на Северна Македонија

104

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговарал со министерот за надворешни и европски работи на Словачка Иван Корчок, на кој истакнал дека Северна Македонија има силна причина да работи на реформите и дека очекува до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција.

-Имаме силна причина да работиме уште повеќе на спроведување на реформите и на успешна завршница на подготовките за преговорите. Нашите очекувања се до крајот на оваа година да се одржи Првата меѓувладина конференција бидејќи станува збор за остварувања што ќе ја променат иднината на земјата, нагласи Османи.

Шефот на дипломатијата ја поздравил конзистентната позиција на Словачка за Северна Македонија, која се манифестира во секоја прилика во рамките на ЕУ и која се отсликува со безрезервна поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори.

За време на видео средбата, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи, станало збор и за соработката на двете земји во рамките на НАТО, справувањето со пандемијата од Ковид-19, како и за други прашања од интерес за потесниот и поширокиот Регион.

Овој телефонски разговор е дел од систематската и интензивна дипломатска офанзива на министерот Османи што ја спроведува, во амбиент на зајакната приоритизација на процесот на проширување меѓу земјите членки, тековните дискусии за преговарачката рамка, а со цел создавање силен политички моментум за конечен исчекор во европската агенда на земјата, посочуваат од МНР.