Османи во Вашингтон на средба со Вилијам Беркли

47

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во рамки на неколкудневната работна посета на Вашингтон, оствари средба со Вилијам Беркли, директор за НАТО и Европски прашања во Националниот совет за безбедност при администрацијата на Белата куќа.

Како што денеска соопшти СЕП, Османи изјавил дека веројатно не постои подобар тајминг за оваа средба, имајќи го предвид и формалното потпишување на протоколот за НАТО, со што Македонија и официјално седнува на столчето во евроатланската алијанса. На средбата го посочил овој успех како заеднички интерес на сите НАТО земји и упатил особена благодарност за поддршката на САД во овој процес.

– Македонија останува доверлив партнер на САД во регионот, силно посветена на
промоцијата на западните вредности, демократијата и стабилноста во регионот, изјавил Османи стои во соопштението, пренесувајќи ја пораката од страна на Владата за посветеноста кон реформскиот процес, изградбата на стабилни и цврсти институции, како и добри односи со соседите.

Вицепремиерот Османи говорел и за активностите во реформскиот План 18, како основа и за напредок и во евроинтегративниот процес, посочувајќи на очекувањата за уште еден позитивен извештај и препорака од страна на Европската Комисија, како основа на која очекуваме почеток на преговорите со ЕУ оваа година.

На денешната агенда на Османи се и посетите на најголемите американски меѓународни
институти, каде ќе оствари средба со Пол МекКарти, регионален Директор за Европа при
Меѓународниот Републикански Институт ИРИ (IRI), како и со Шери Брајан, потпретседател
на Демократскиот Национален Институт НДИ (NDI).

Претходно, Османи учествуваше и на тркалезната маса каде пред претставниците на една од највлијателните тинк-тенк организации во САД чија тема е соработката на САД и Европа – „Германскиот Маршалов Фонд“ (German Marshal Fund), имаше свое обраќање на тема: „Следните чекори: Македонија на пат кон демократските реформи и членството во НАТО и ЕУ“ (Next Steps: Macedonia on the Road to Democratic Reform, NATO and EU Membership).