Османи – Борел: Со поддршката на ЕУ и дипломатска акција, ОБСЕ ќе придонесе за европска безбедност

37
Северна Македонија, како земја претседавач, строго ќе ги почитува основните принципи и вредности на ОБСЕ. Во фокус на Организацијата ќе биде Украина, односно човековата безбедност во време на регионална и глобална несигурност и нестабилност, потенцираше денеска претседавачот на ОБСЕ Бујар Османи на средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел во Брисел.
За време на посетата, Османи ја потенцирал природната и цврста врска меѓу ЕУ и ОБСЕ, како и сите земји учеснички на Организацијата, што е поволен простор за заедничка работа и исполнување на заедничките обврски.
-Нашето претседавање оваа година ќе се раководи од веќе договорените обврски на сите 57 земји учеснички на Организацијата. Нема да правиме компромиси кои ќе ги загрозат основните документи и со консензус усвоени одлуки на ОБСЕ. Најголемиот предизвик останува воената агресија на Русија врз Украина. Тоа е неоправдана војна врз независна држава, членка на ОБСЕ. Руската Федерација со воената агресија врз Украина, флагрантно го прекрши Хелсиншкиот завршен документ и сите заложби и принципи на Организацијата, изјави Османи.
Според Османи, ОБСЕ ги има сите механизми и алатки кои нудат конкретна поддршка за луѓето на сите земји учеснички во Организацијата.
-Северна Македонија преку меѓуетничките односи, културата на дијалог што ја наметна, културата на компромис и добрососедските односи, создаде имиџ за државата, како и за препознатливост во меѓународната заедница. Ние сме модел во регионот за функционална мултиетничка демократија, со загарантирани права за сите заедници кои живеат во Северна Македонија, посочи Османи.
На средбата меѓу Османи и Борел се зборуваше и за заложбата на ЕУ и тесната соработка со нејзините делегации во Скопје и Виена кои беа од клучна важност во сите фази од подготовката на Северна Македонија да го преземе претседавањето со ОБСЕ. Претседавачот на ОБСЕ ја потенцираше и важноста на соработката меѓу ОБСЕ и ЕУ што би придонела за функционалност на Организацијата.
-Земјите членки на ЕУ, се учеснички и на ОБСЕ. Синергијата помеѓу овие две организации може да помогне во унапредување на процесите кои понекогаш изгледа дека се блокирани во Хофбург, посочи Османи.
На крајот од средбата, тој потенцираше дека Северна Македонија останува кредибилен партнер на меѓународната заедница и ЕУ, почитувајќи ги нејзините вредности и принципи. Посочи дека Северна Македонија, сега како земја преговарач за членство во ЕУ, има за цел во блиска иднина да претседава со Советот на ЕУ.