“Орце Николов” го поведе орото, во општина Центар ќе се реконструираат 15 улици 

98

Годинава со реконструкција ќе бидат опфатени улиците: „Новопроектирана улица 2”, крак на улицата „Васил Ѓоргов“ во населбата Капиштец, улиците „59”, „Петричка” и „Велешка“ во населбата Маџир Маало, улицата „Рилски Конгрес” на локалитет Тасино Чешмиче, улицата „Новопроектирана 2“ крак на улицата „Железничка“, „Станбена улица 3“, „Станбена улица 2“ и „Пешачка улица 102а“, улицата „Мирче Оровчанец“ во Буњаковец и улиците „Ганчо Хаџипанзов“ и „Караорман“ во населбата Долно Водно

Повеќе од 15 улици ќе се реконструираат на територијата на општина Центар. Согласно планот на оваа централна скопска општина, годинава со реконструкција ќе бидат опфатени улиците: „Новопроектирана улица 2”, крак на улицата „Васил Ѓоргов“ во населбата Капиштец, улиците „59”, „Петричка” и „Велешка“ во населбата Маџир Маало, улицата „Рилски Конгрес” на локалитет Тасино Чешмиче, улицата „Новопроектирана 2“ крак на улицата „Железничка“, „Станбена улица 3“, „Станбена улица 2“ и „Пешачка улица 102а“, улицата „Мирче Оровчанец“ во Буњаковец и улиците „Ганчо Хаџипанзов“ и „Караорман“ во населбата Долно Водно.

Како што информираат од општина Центар, на споменатите улици ќе се поставува нов коловоз, тротоари, водоводна, фекална, атмосферска и топлификациона мрежа во зависност од потребите.

Инаку, минатата недела градоначалниците Петре Шилегов и Саша Богдановиќ го најавија, како што рекоа, капиталниот проект за реконструкција на “Орце Николов” која е една од најфреквентните улици во централното градско подрачје. Новото решение предвидува ослободување на тротоарите од возила и намалување на коловозната лента на шест метри, за да се отвори простор за нови велосипедски патеки во должина од 2.400 метри, како и нови пешачки патеки во должина од 2.200 метри. Со нов асфалт ќе бидат опфатени 9.330 квадратни метри, а по должина на улицата ќе бидат изведени т.н. џебови за паркирање. Нови 1.440 метри џебови за паркирање ќе бидат изведени и на улиците „Антонио Грубишиќ“, „Дебарца“, „Наум Наумовски – Борче“, „Коле Неделковски“ и на дел од улицата „Аминта трети“ , со што ќе се обезбеди паркинг за жителите на истоимените улици.

Инаку, во тек е санација на постоечкиот водовод на улиците: 364, 365, 369 и 377 на локалитет Дуќанџик (Кале). Овие активности се планирани да завршат наредниот месец. Исто така, целосна реконструкција се изведува на улицата „Димитар Пандилов“ во населбата Долно Водно каде се поставува комплетно нов водовод, атмосферска и фекална канализација, нов асфалт, тротоари и рабници. И на оваа улица, активностите е предвидено да завршат во текот на наредниот месец.

Нов асфалт и начин на паркирање на паркингот зад “Палома Бјанка”

Општина Центар планира реконструкција на паркингот позади ТЦ”Палома Бјанка”. Според плановите, реконструкцијата ќе опфати замена на оштетениот асфалт, а по што ќе следи и воведување нов ред во паркирањете, со цел да се реши моменталниот проблем со досегашното несоодветно паркирање.