Овие два дена пред голем број мештани вратени од печалба, но и голем број гости од Македонија и странство, се одржува церемонијата на стари обичаи, зачувани како што некогаш се изведувале и организирани во вид на културна и туристичка манифестација. Тие ја опишуваат историјата на луѓето од Галичник, почнувајќи од античко време (обичајот „Канење на мртвите“), до модерната доба (ритуалот „Фрлање на пушка“)

Галичката свадба или позната меѓу народот како Петровденска галичка свадба и годинава се одржува на 13 и 14 јули (сабота и недела), кога од Галичник до Река се слуша пиштењето на зурлите и ечењето на тапаните. Богата со многу оригинални и неповторливи свадбарски обичаи и ритуали, Галичката свадба стана македонски бренд познат не само на Балканот туку и низ светот.

Овие два дена пред многубројните мештани вратени од печалба, но и голем број гости од Македонија и странство, се одржува церемонијата на стари обичаи (преку триесет), зачувани како што некогаш се изведувале. Тие ја опишуваат историјата на луѓето од Галичник, почнувајќи од античко време (обичајот „Канење на мртвите“) до модерната доба (ритуалот „Фрлање на пушка“). Но, повеќето од обичаите низ вековите исчезнале, а некои се заменети со други со оглед дека за голем дел од некогашните обичаи е потребен подолг период за организирање.

Порано, околу Петровден, се случувало и повеќе од 50 двојки да се венчаат во ист ден. Причината за толку венчавки во интервал од неколку дена, била враќањето на мажите од печалба. Тие доаѓале неколку дена пред Петровден, правеле свадба, и во текот на наредниот месец повторно ги напуштале своите домашни огништа и саканите заминувајќи на печалба.

Денес, во рамките на самата организација на манифестацијата Галичка свадба, посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат според галичките обичаи. За изборот на младоженците, кое се врши секоја година, правило е еден од младоженците да биде со потекло од Галичник. Така, годинашниот зет и невеста се Марина Петковска и Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник.

Галичката свадба придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали на жителите од овој крај, да се сочувааат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија. Токму невестинската носија на која преовладуваат белата, жолтата и црвената боја е особено уникатна. Украсена е со богат вез на кошулата. Составен дел од носијата е и богатиот накит со  златни и сребрени елементи, а неговата тежина е и до 30 килограми.

Вековни обичаи кои се сочувани до денешни дни

Секоја година за време на Галичката свадба се изведуваат голем број обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба. Меѓу нив се чукањето на тапаните, “Тешкото“, Свекрвино и невестинско оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”…, но и многу други кои во себе содржат моменти од животот на галичкото семејство низ вековите.

Галичката свадба во форма во која и денеска се одржува, како културно-туристичка манифестација е од 1963 година. Во време на одржување на настанот илјадници гости имаат можност одблиску да ги видат и да се запознаат со свадбарските обичаи на Галичани. Оттогаш само две години се случил прекин, но од 1973 до денес Галичката свадба непрекинато се одржува во сиот свој раскош и убавина.

Порано свадбарските церемонии траеле пет дена, а секој ден од свадбата имал посебни обреди што се изведуваат по утврдени обичаи. Пет дена пред Петровден се собира папрат и јаворово дрво од кои во дворот на младоженецот се прави колиба во која се сместуваат тапанџиите кои доаѓаат од Дебар. На две вечери пред Петровден се реди бајракот. Редењето се врши на свечен начин во присуство на гости. Тие се гоштеваат и околу полноќ почнуваат со неговото украсување со разни цвеќиња. Во таа пригода девојките пеат пригодни песни.

Свадбата во сабота започнува со поставување на бајракот „фрлање на пушка“ и неколку истрели со кои се објавува дека свадбата може да почне.

Свекрвино оро, бркање на демони, одење по вода…

Интересен обичај е играњето на Свекрвино оро, со кое мајката на младоженецот со домашен леб и со ќуп во рацете го дочекува семејството и роднините.

„Бркањето на демоните“, пак се одвива од страна на зетот, кумот и нивните пријатели кои со запалени факли одат до куќата на невестата „бркајќи ги демоните“. Одење по вода на невестата е исто така еден од најзначајните обреди пред свадбата. Го означува созревањето на жената.

Утрото на Петровден се одвива „канење на мртвите роднини“. Зетот со најблиските роднини оди на гробишта да им направи чест на мртвите, да ги покани на свадбата и да побара изим – дозвола за женење. Кога ќе пристигнат на гробишта, свирачите остануваат отстрана, свирејќи жална мелодија, специјално посветена на овој момент.

Тука е и обичајот „канење на кумот“. Зетот со неколку другари оди на зовење кај кумот, побратимот и бајрактарот. При зовењето тапаните изведуваат народни песни од Галичник. Роднините ги кани специјална зовачка, млада невеста со придружба. Зовачката носи со себе карта полна со вино и накитена со цвеќиња.

„Бричење на зетот е исто така обичај кој се одвива токму на денот на земањето на невестата“. Се повикува бербер или побратим да го бричи зетот, а пред да почне бричењето младоженецот зема прошка од домашните и најблиските при што им бакнува рака. За тоа време роднините плачат, особено најблиските од куќата, бидејки овој настан претставува одвојување од семејството и поклонување кон невестата т.е. кон основање на свое семејство, на што упатуваат и зборовите од песните што се пеат при оваа пригода: Отклони се од мајка, од татко, приклони се кон млада невеста. По бричењето зетот се мие со вино до три пати и обично го мие стариот побратим.

„Одење по невестата“ е посебен дел од целиот настан, кој секогаш привлекува огромно внимание. Невестата облечена во носија го дочекува младоженецот на балконот и гледајќи низ прстенот вели: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.

Пред вратата на невестата се одвиваат исто така обичаи кои се сочувани и до ден-денешен. Сватовите чукаат на вратата за невестата да излезе, а жените кои ја дотеруваат бараат пари за да ја отворат вратата. Таа потоа во придружба на  братот излегува пред сватовите.

Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж каде што ја дочекува свекрвата со сито, погача и бокал со вино. Таа со лебот ја удира по глава  за да ја слуша, а потоа ѝ ја става капата од момчето за да му биде верна…

Венчавката се одвива во црквата „Св. Петар и Павле“. Невестата покриена влегува во црквата, а од неа излегува откриена. Свекрвата со вода и босилек ги попрскува младоженците додека стигнат дома. Невестата се носи и на чешмата „Упија”, каде што се игра невестинското оро и дарување на блиските…

По завршувањето на свадбените обичаи најблиските роднини ги испраќаат свирачите.