Орде Неделковски – „Македонијо, ти си бисер балкански“ ечеше во Белград – Србите ја пееја на македонски јазик! Тој, Ферус, Џељо и групата „Круна направија музички џумбуш во српската метропола 

311

– Неодамна, ечеше во Белград. Кога се распеавме со многу познатата македонска „Бисер балкански“, немаше таков што не запеа со нас, од првиот до последниот збор, и тоа на македонски јазик! Бевме повеќе од воодушевени“

 (Дуле Миќиќ)

Македонската група „Круна“, заедно со пејачот Орде Неделковски, минатиот викенд ја „растресе“ српската метропола – Белград. Да нема забуна, тоа беше музички земјотрес при речиси едночасовен настап во многу гледаната ТВ-емисија „Песмом за душу“, која ја води познатиот Пеја. Тие го надополнија тоа со заеднички настап со кралот на саксофонот, балкански популарниот Ферус Мустафов, кој сè уште има голем број обожаватели на поранешниот југословенски простор.

– За сите што дојдоа, направивме преубава македонска вечер во срцето на Србија – вели Орде за весникот ВЕЧЕР. Со оглед на тоа што се гледа таа емисија преку сателит низ целиот свет, на нашата адреса на мејловите, на социјалните мрежи стигнаа стотина преубави пофални зборови од секаде каде што има и наши Македонци иселеници. А, навистина ги има.

Орде и групата имаат постојани настапи на фестивали, имаат концертни ангажмани, често снимаат нови песни, кои често стануваат хитови. Па така, сè уште публиката го памети впечатливиот настап на Орде Неделковски на „Роса фест“ со песната „Мераклија“, која звучеше и мераклиски и како создадена за многубројните домашни прослави.

Впрочем, Орде Неделковски и Џељо Дестановски, како фронтмени на групата „Круна“, велат дека, покрај заеднички песни, имаат и, секој за себе, своја песна и свои ора. „Помогни ми“ е песна на Орде Неделковски што е прилично омилена кај публиката, а доказ за тоа е дека се пее и по неколку пати на веселбите. А, пак, Џељо Дестановски со орото „Мерак зурла“ без проблем ги прескока на топ-листите сите оние што му се можна конкуренција.

– Групата „Круна“ е распродадена со настапите, а со тоа и јас и Џељо. И овде, дома во Македонија, како и во странство. Веќе во март ќе гостуваме во Швајцарија и во Германија. Многу се радуваме и јас и колегите поради тој настап. Верувам дека сите нашинци ќе дојдат на забавите кои ги правиме ние и за кои уште отсега се бара билет повеќе. Тоа ќе биде и одлична шанса во живо да ја промовираме нашата најнова песна – „Наде моме убаво“.

Сакам да истакнам дека и Џељо Дестановски ќе го промовира своето најново оро, насловено како „Вујкино оро“, кое е снимено заедно со дел од оркестарот на добро познатиот Џамбо Агушев. Сè на сè, доста работиме, не се жалиме, нема потреба од тоа. Да не бидам скромен, можам уште отсега да се пофалам со огромен број покани за свадбени прослави, кои следуваат по велигденските празници. Сепак, најважно од сè е што публиката нè обожава, дека оставаме одличен впечаток, секогаш е исполнет просторот до последното место каде и да настапуваме. Тоа е и благодарение на нашите убави, певливи, но и емотивни песни.

Една од нив е и најпозната – „Ти си ми сè“. Воедно, среќен и благодарен сум и поради тоа што имаме одлична поддршка и од вас, новинарите. Многу е важно да постои таа постојана здрава комуникација меѓу медиумите и мене сосе групата „Круна“. Ние сме тие што ја негуваме македонската песна, а со нашата песна и со нашите македонски музички инструменти, неодамна ечеше во Белград. Кога се распеавме со многу познатата македонска „Бисер балкански“, немаше таков во публиката што не запеа со нас, од првиот до последниот збор, и тоа на македонски јазик! Бевме повеќе од воодушевени. Направивме џумбуш за памтење. Задоволството беше огромно – раскажа веселиот и комуникативен Орде Неделковски за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, тој е љубител на атрактивни тетоважи, кои праќаат и порака. Засега, ги има само на рацете, а за претстојново лето, кога сите ќе носиме летна гардероба, Орде планира да се поднови со тетоважи на нозете и на грбот. Овие две тетоважи што сега ги има, ја претставуваат неговата неограничена поврзаност со музиката, како првата, додека другата го прикажува Исусовото распетие!