Општините Стари Град и Центар договарија соработка за размена на младите, развој на спортот и културата

141

Во Белград се одржа средба на претседателот на централната општина Стари Град, Радослав Марјановиќ, со делегација од збратимената општина Центар од Скопје, предводена од градоначалникот Горан Герасимовски, на која се водеаа разговари за конкретна соработка меѓу двете општини на полето на културата, спортот, младинската размена, урбанизмот, како и за бројните сличности во функционирањето на двете централни општини на главните градови на Србија и на Северна Македонија.

-Разговаравме на повеќе теми и за слични проблеми со кои се соочуваат нашите централни општини, со цел да размениме искуства и да споделиме проекти. Пред се, нашата соработка ќе се однесува на младинската, културната размена и спортската соработка на нашите клубови, и разговаравме и за урбанизмот. Енергијата ќе ја насочиме кон реализација на проекти на локално ниво и со тоа ќе дадеме конкретен придонес во соработката на нашите земји и на иницијативата „Отворен Балкан“, изјави Горан Герасимовски, градоначалникот на општина Центар, по завршувањето на состанокот.

Ова е втора посета на делегација на Oпштина Центар што е доказ дека соработка оди добро, констатирано е на средбата.

-Ова беше можност да се договорат конкретни форми на соработка. Еден сегмент е размената на деца и млади од општина Стари град и општина Центар од Скопје, при што врсниците не само што ќе се запознаат, туку и ќе учат за историјата и културата на нашите градови. Разговаравме и за соработка во областа на културата и спортот. Преку соработка на ОК „Пароброд“ и нивните културни институции ќе реализираме заеднички културни проекти и гостувања. Ќе воспоставиме соработка и меѓу нашите спортски клубови, нашиот кошаркарски клуб „Динамик“ и КК „Работнички“ од Скопје, изјави претседателот на општина Стари Град Радослав Марјановиќ и нагласи дека ова е можност да се збогати иницијативата „Отворен Балкан“ со заеднички проекти и соработка на локално ниво.

На средбата биле разменети искуства за решавање на урбанистчките, имотно-правните и слични комунални проблеми, а македонската делегација била запозната со големите проекти кои се реализираат во белградската централна општина Стари град, како „Линијскиот парк“, Белград на вода или Марина Дорчол.

Договорено е на територијата на општина Центар, како дел од иницијативата „Отворен Балкан“ да се уреди парк на пријателството.