Општините се тешко достапни за локалното население, освен во период на избори

40

Триесет и четири проценти од населението во руралните средини немаат информација дали нивната општина има активна веб-страница, над 40 проценти ги добиваат услугите со посета на општините, додека, пак, 33,5 проценти преку контактирање со познајници или пријатели.

Во рамките на истражувањето што го спроведе Рурална коалиција, беа опфатени 155 испитаници од трите пилот-општини (Кривогаштани – 50, Врапчиште – 51 и Старо Нагоричане – 54). Во однос на возрасната група, во текот на спроведувањето на истражувањето, најмногу биле вклучени испитаници од 37 до 46 години (41,9%), од 27 до 36 години (22,6%), од 46  до 57 години (21,9%) и возрасната група од 18 до 26 години била застапена со 7,7%. Од нив, 64,5% биле испитаници со средно образование, а 29 % со високо образование.

Комуникацијата на руралните општини со населението е оценета со средна оценка – 3, додека, пак, дури 51 процент од населението нема информација кои услуги ги има и ги нуди општината, па често пати се мешаат надлежностите на националните и на локалните институции.

Ова се само дел од податоците што ги содржи извештајот за достапноста на е-услугите во руралните средини и во руралните општини.

– Во руралните средини сметаат дека дури ни ковид-кризата не го зголемила користењето на е-услугите поради ниското ниво на информираност кај граѓаните, ниската компјутерска писменост кај повозрасното население, кое доминира во руралните средини, како и поради ниската доверба во електронското издавање документи – потенцираат од Рурална коалиција.

Во однос на редовната комуникација со општините, нешто повеќе од половината испитаници одговориле дека имаат редовна комуникација со општините, односно 58,7%, додека, пак, останатите одговориле дека немаат или не одржуваат никаква комуникација со општините, а како најчеста причина е немањето потреба за комуникација со општината.

– Граѓаните се откажале од комуникација со општината затоа што неколку пати општината не одговорила на нивните барања и потреби, претставниците на општините биле тешко достапни за локалното население, освен во периодот на избори, ги немало секогаш кога им биле потребни на граѓаните, многу ретко можело да ги најдеш на работните места, а според дел од граѓаните, во општините нема стручни и професионални кадри што би им одговориле на нивните потреби и барања – се наведува во истражувањето на Рурална коалиција.

Навистина е загрижувачки што дури 20% од оние што одговориле дека немаат комуникација со општината, истакнале дека никогаш не ни биле во општината. Немањето потреба од комуникација и неодговарањето на барањето на граѓаните се најчестите причини поради кои граѓаните не остваруваат редовни комуникации со општините.

– Оние граѓани, пак, што ја контактираат општината, најчесто го прават тоа за издавање потврди (31%), решавање проблеми со водоводната мрежа (25%), решавање инфраструктурни прашања (19%), решавање проблеми со јавното осветлување и со комуналниот отпад (19%) а само 7% за доставување иницијативи. Останатите одговори се поединечни и се поврзани со барања за поддршка за културни настани, добивање информации поврзани со имотот, можностите за градба, субвенции и слично – велат од Рурална коалиција.

Оттаму нагласуваат дека ова се само дел од предизвиците на кои во моментов работи Рурална коалиција, во соработка со тимовите на општините Врапчиште, Кривогаштани и Старо Нагоричане.

(С.Бл.)