ОПШТИНИТЕ СЕ МОБИЛИЗИРААТ: Материјална и финансиска помош пристигнува од сите страни

124

Општините во Македонија веќе се подготвуваат финансиски да им помогнат на Турција и на Сирија веднаш по потресната вест за настраданите во природната непогода.

Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот на Општина Кавадарци се меѓу првите кои реагираа и свикаа седница на која се обезбедија 900.000 денари помош. Едногласно беше одлучено да биде уплатена сума од 600.000 денари на трансакциската сметка добиена од турската амбасада за настраданите во Р Турција, а да биде уплатена сума од 300.000 денари на сметката на Црвениот крст на РСМ, со намена за настраданите во земјотресот во Сирија.

На седницата, градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека на помошта дополнително ќе се приклучат компанијата „Кожувчанка“ од Кавадарци и Фондацијата „Никола Јанчев“, испраќајќи 10 шлепери со вода за пиење за настраданите. Пет шлепери се донација од „Кожувчанка“ и од Фондацијата „Никола Јанчев“, а пет од почесниот конзул на Р Турција во Битола, господинот Ајдован Адемоски.

Деветмина пожарникари од Кавадарци ги прават последните подготовки и во најскоро време ќе заминат да помогнат во реонот зафатен од земјотресот во Турција. Александар Чадамов, командир на кавадаречката Територијална противпожарна единица, истакна дека заминуваат со две моторни возила и со неопходната опрема.

– Обучени сме да помагаме во вакви ситуации. Според првичните најави, таму треба да останеме десетина дена. Но, ќе бидеме таму додека има потреба од наша помош – рече Чадамов, апелирајќи да помогнат сите во рамките на своите можности.

Советот на Град Скопје донесе одлука за доделување парична помош за погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија во висина од шест милиони денари. Средствата ќе бидат уплатени преку сметката за хуманитарна помош на Црвениот крст на Македонија. Вчера, Градот Скопје испрати и интервентна екипа на Противпожарната единица на Град Скопје за помош при спасувачката мисија во Газијантеп, а во меѓувреме, сме во постојан контакт со локалните власти и стоиме на располагање за сите барања што може да произлезат во рамки на спасувачката акција.

Петмина штипски пожарникари ќе заминат со вториот македонски конвој кон настраданите места. Командирот на ТППЕ – Штип, Дарко Коцев, вели дека биле спремни за три часа откако го добиле повикот од Дирекцијата за заштита и спасување, но не знае кога ќе се вратат, бидејќи сè зависи од тамошната ситуација.

Петмина пожарникари од Велес се дел од тимот што се упати кон Турција да го даде својот придонес за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес. Со едно возило и со потребната опрема за заштита и спасување, овие пожарникари во наредниот период ќе му дадат дополнителна помош на пријателскиот турски народ, информираат од Општина Велес.

И другите општини во Скопје и во државава се организираат да обезбедат финансиска помош од своите буџети за настраданите во Турција и во Сирија. Општина Битола издвои 500.000 денари. Општина Куманово донираше по 500.000 денари како помош за двете настрадани држави, а Општина Охрид – по 300.000 денари.  

За погоденото население во Турција и во Сирија, Општина Кисела Вода обезбеди 500.000 денари.

– Остваривме контакт со Амбасадата на Република Турција во Македонија, на која ѝ понудивме поддршка и од друг тип. Оттаму дополнително ќе бидеме известени околу конкретните потреби, па ќе излеземе со адекватна помош за семејствата погодени од разорниот земјотрес. Воедно, како претседател на ЗЕЛС, апелирам за солидарност до градоначалниците на сите општини согласно со нивните можности – вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Петстотини илјади денари помош определи и Општина Гази Баба.