Општините Кисела Вода и Струмица со поддршка за унапредување на родовата еднаквост

181

Да не се дозволува нееднаквост и дискриминација во секојдневното работење на општините, беше клучната порака на претставниците на општините Кисела Вода и Струмица кои денеска се сретнаа и дискутираа за унапредување на родовата еднаквост, во рамки на проектот на Агенцијата на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (ОН Жени) – „Промоција на родовo одговорни политики и буџети: Кон транспарентно, инклузивно и одговорно управување“.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ и секретарот Александар Алексовски во просториите на Општина Струмица остварија средба со струмичкиот градоначалник, Коста Јаневски и се информираа за економското засилување на жените во нивната општина.

Јаневски ги информирал претставниците од Општина Кисела Вода и за спречување на родово базирано насилство, за родовото одговорно буџетирање, како и за повеќе теми поврзани со родовата еднаквост.

На средбата градоначалникот Јаневски нагласил дека Струмица во секојдневното работење, но и при реализација на општинските проекти, секогаш им дава еднакви можности на сите без никаква дискриминација.

Општина Кисела Вода, како што наведува во соопштение, нема да дозволува нееднаквост и дискриминација на ниедна основа. Општината ќе продолжи да работи во насока на промовирање на родовата еднаквост и рушење на предрасудите.

Струмица е прва општина во земјава која ја изготви првата локална стратегија за родова еднаквост во рамките на проектот на ОН Жени – „Промоција на родово одговорни политики во Југоисточна Европа и Република Молдавија“.

ИЗВОР: МИА