Општина Центар ја издаде доволата за градба за втората кула спроти Холидеј Ин

100

Општина Центар ја издаде дозволата за градење на втората кула на парцелата спроти „Холидеј Ин“. Од иницијативата „Шанса за Центар“ велат дека тоа е незаконско бидејќи Деталниот урбанистички план за тој дел не е важечки и не може да се спроведува, бидејќи ги прекршува сите параметри на Генералниот урбанистички план.

Од Општина Центар истакнуваат дека мора да постапуваат според тој ДУП бидејќи ниту еден суд не го прогласил за незаконски.

– И повторно ќе речат „сè е по закон“ или „моравме бидејќи беше доставено барање за градба“ иако целиот урбанистички план по кој се издаваат дозволите и по кој веќе се гради е очигледно незаконски. Планот во сите параметри го прекршува ГУП на Скопје, а тоа според Законот за урбанистичко планирање е незаконски и таков план не смее да се спроведува. Но, градоначалникот и Општината остануваат глуви на овие факти – децидни се од Шанса за Центар.

Од таму реагираат дека ваквото незаконско постапување го поддржуваат и други институции, како Јавното обвинителство кое повеќе од една и пол година не одговара на поднесената иницијатива од страна на Антикорупциската комисија која смета дека има низа на законски прекршувања во начинот и постапката со која е донесен ДУП по кој се гради и се издаваат дозволи за овој простор.

Од „Шанса за Центар“ потсетуваат дека имаше и петиција уредувањето на овој простор да се осмисли квалитетно и на истата се потпишаа над 10 илјади граѓани.

– Без разлика што општината со издавањето на дозволите оди и самата против себе, против сопствените наоди за тоа колку е лош овој план. Овие наоди се прецизно наведени во стручниот елаборат за суспензија изработен од Општина Центар со кој општината бараше да биде суспендиран овој план и да се изработи нов. Но елаборатот беше одбиен од Министерството за транспорт и врски со образложение дека не може да се суспендира целиот план – истакнуваат од Шанса за Центар.

Оттаму констатираат дека „за жал, се повторува правилото: Кога институциите молчат, царуваат моќниците“.

(С.Бл.)