Општина Центар чека барање за префрлање на мебелот во Соборниот храм

155

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ нагласи дека за да може да се префрли мебелот, треба по пристигнатото барање за тоа да сеодлучи на седница на Советот на Општина Центар.

– Без тоа не би можел мебелот да се постави во свечената сала на Соборниот храм. Тоа беше само иницијатива на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, која треба да се реализира. Останува мебелот да се помине со восок, откако е реставриран, тврди тој

 

Општина Центар чека да пристигне барање за преместување на стариот резбан мебел од старото матично за да биде преместен во свечената сала на Соборниот храм.

Градоначалникот Саша Богдановиќ изјави дека за пет дена треба да заврши реконструкцијата на просториите на старото матично кое ќе биде дадено на користење на младите како младински центар, по што ќе може да се планира преместување на мебелот.

– Mебелот треба само да се помине со восок, откако ќе биде комплетно реставриран, бидејќи останаа уште некои работи, за да може да се префрли. Засега тој е во просторија на Општина Центар, бидејќи сè уште се реконструираат просториите на старото матично – информираше Богдановиќ.

Тој нагласи дека за да може да се префрли мебелот, треба по пристигнатото барање за тоа да се одлучи на седница на Советот на Општина Центар.

– Без тоа не би можел мебелот да се постави во свечената сала на Соборниот храм. Тоа беше само иницијатива на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, која треба да се реализира – тврди Богдановиќ.

 

Од Градот, пак, велат дека проектот се реализира од страна на Општина Центар и Програмата за развој на обединетите нации – UNDP, додека Град Скопје дава поддршка на проектот и нема директно финансиско учество.

– Во однос на состојбата на резбаниот мебелот од матично, кога истиот ќе биде реставриран, ќе биде даде на МПЦ-ОА, која ќе го постави во просторија во рамките на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, која ќе послужи како просторија во која ќе може да се склучи граѓански брак – кусо одговорија градските власти.

Инаку и презвитер Бобан Митевски во МПЦ, претходно потврди дека било предложено мебелот да се стави во свечената сала во рамките на „Соборниот храм“, која се наоѓа под платото на Соборниот храм, со посебен влез, а е технички простор на храмот каде има разни канцеларии. Тој тогаш додаде дека во таа свечена сала се промовираат книги, се одржуваат симпозиуми и семинари, па зошто не би можело да се склучуваат и граѓански бракови. Освен тоа, и досега се случувало младенците што се венчаваат во црква да побараат да дојде овде матичар и да склучат и граѓански брак, па црквата им го отстапувала тој простор.

Инаку мебелот се состои од столови и маса на која младенците седеа при склучување на бракот и витрината во која се чуваа потребните документи, изрезбани во ореово дрво, а кој стоеше пет години незаштитен, колку што и оваа барака беше затворена.
Мебелот во старото матично е изработен пред 70 години, во периодот од 1948 до 1951 од страна на Нестор Алексиев-Мирчевски, македонски копаничар со меѓународна слава и последен од големата тајфа на вакви уметници во Македонија. Тој е резбарот што ги воодушевил кралот Александар и Јосип Броз-Тито и генијалниот уметник кој ја изработил резбата на саркофагот на Гоце Делчев.

Прашањето за мебелот во старото матично повторно се отвори откако на 11 ноември, минатата година започна реконструкцијата на објектот, со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации – UNDP и Швајцарската агенција за развој и соработка, каде со финансиски грант во износ од 50.000 швајцарски франци ќе бидат реализирани вкупно три проекти.

Притоа, Општина Центар ќе кофинансира со 83 проценти од вкупниот износ за реконструкција на објектот, а УНДП со вкупен износ од 1.173.208,00 денари во форма на донација. Градежните и градежно-занаетчиските работи се изведуваат на површина од 470 квадратни метри и ќе имаат за цел да обезбедат зголемување на енергетската ефикасност на објектот и обезбедување соодветни услови за лицата со посебни потреби.

(А.П.)