Општина Центар со 12.500 евра го казни „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот за необезбеденото градилиште!

146

Градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар денеска му изрекол пет казни на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, во вкупен износ од 12.500 евра во денарска противвредност, за небезбедното градилиште позади Универзална сала. Поради тоа пропадна  улицата „ 9 Мај“ каде што е градилиштето.

Од Општина Центар информираат дека е изречена глоба од 4.000 евра за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност.

Инаку, како што објаснуваат од Општина Центар, ова градилиште неколку пати било затворано од градежната инспекција, но инвеститорот на своја рака ги отстранувал заштитните инспекциски ленти и продолжувал со градење, не земајќи ги предвид законските одредби и решенијата од инспекцијата.

– Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел – појаснија од локалната самоуправа додавајќи дела со изоставувањето на армирано бетонските колови инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а во понеделникот пропадна и дел од улицата „9 Мај“, каде што се наоѓа и спорното градилиште.

Во врска со пропаѓањето на улицата „9 Мај“ поради несовесното однесување на инвеститор на објект се огласија и од Шанса за Центар. Оттаму велат дека поради тоа што инвеститорот си гради како сака и покрај забраните има штета и на околните објекти според фотографии кои им ги доставиле граѓани од соседните подрумски простории.

При тоа, од Шанса за Центар бараат Министерството за внатрешни работи итно да реагира и да го запре ова загрозување на општата безбедност пред да настане поголема штета или несреќа и Инспекторатот на Општина Центар да го запре градењето и во рамки на овластувањата да почне постапка за поништување на градежната дозвола.

– Овој инвеститор и градежната компанија не треба да имаат право за било какви зафати на територија на Општина Центар – сметаат од Шанса за Центар.

(А.П.) Фото: (П.С.)